Учебникот по географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба, информира министерката за образование Мила Царовска.
-Комисијата констатираше дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на РС Македонија, штo е спротивно на законот за учебници за основно и средно образование. Во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени, објави Царовска на Фејсбук.
Таа додава дека „новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците“.
– Денеска имав средба со заменик министерот Арафат Шабани да го информирам за оваа одлука, објави Царовска.