Секој ден на одложување на реформата на образованието, поради лош тајминг, е директна штета за нашите деца, односно е директна штета на иднината на државата, вели министерката Мила Царовска.

Таа во нејзината одбрана на новиот концепт во образованието, во интервјуто за порталот Локално, „не препознава стравувања поврзани со предметот историја“ бидејќи како што вели „не смееме на учениците да им ускратиме ниту една научна дисциплина, вклучувајќи ја и историјата“.

-Со оваа реформа се залагаме да создадеме современо образование со кое учениците ќе добиваат знаења и да ги научиме да размислуваат, и токму поради тоа не смееме да дозволиме на учениците да им ускратиме ниту една научна дисциплина, вклучувајќи ја и историјата. Што се однесува на тајмигот, би рекла дека нема лошо време за сеопфатна рефома. Би напоменала дека со години наназад се направени мноштво анализи од релевантни меѓунарни организации и институции кои укажуваат на тоа дека образованието ни е на дното и дека темелно мора да се реформира. Секој ден на одложување на оваа реформа, поради лош тајминг, оди на директна штета на нашите деца, односно е директна штета на иднината на државата.Државата истовремено работи на решавање на прашањата поврзани со надворешната политика, но и на реформи со кои се подобрува квалитетот на животот во државата вклучително и образованието, вели Царовска

Таа е сигурна во успехот поради „сериозноста на подготовките“ и уверува дека „ниту една промена нема да ја направиме ако не сме сигурни дека функционира и можеме да ја имплементираме“.

Реформата ја дефинира како крајно неопходна бидејќи „имаме несоодветни учебници со грешки и програма позната како Кембриџ, но која нема никаква врска со Кембриџ програмата“. Крајна цел според министерката треба да бидат децата кои ќе можат аналитички да размислуваат и наставниците кои сами ќе го осмислуваат часот.

Концептот целосно ќе биде презентиран во јавноста следната недела.