Министерството за образование и наука денеска информира дека почнува процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година.

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.

-Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање на стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор, се вели во соопштението од МОН.

Министерството за образование и наука, како што се наведува, веќе спроведе анализа која ни дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво.

-Во анализата учествуваа 450 компании од цела држава, од кои дури 85 отсто се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар, стои во соопштението.

Првите вакви средби ќе се одржат утре во Свети Николе и Штип. На средбата покрај министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе присуствуваат градоначалници, директори од средни стручни училишта, претставници на меѓународни организации и институции и претставници на Стопанските комори и на компаниите.

Овој процес, Министерството за образование и наука го реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.