Единствената национална платформа за онлајн настава нема наставниците и учениците совршено да ја знаат од првиот ден на училишната година, но таа ќе стане алатка што ќе се користи не само во услови на Kовид туку и наредните години и ќе значи унапредување на образованието, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
-Се што правиме сега го унапредува образованието воопшто. Не е ова само состојба којашто сакаме да ја надминеме, па по секоја цена правиме платформа. Оваа платформа ја градиме сега, ништо нема да биде совршено оваа година, тоа морам искрено да го кажам, но градиме чекор плус во нашиот образовен систем со тоа што поставуваме една алатка којашто ќе им служи на сите наставници. Верувам дека во наредните неколку месеци сите ќе сакаат да работат на неа. Посебно децата, затоа што ќе биде едноставна, ќе имаат распоред, ќе можат да имаат двонасочна комуникација со наставникот, ќе имаат линкови, презентации и сето тоа полека ќе се усовршува и полека ќе се доградува, посочи министерската Царовска во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, објаснувајќи како ќе се одвива учебната 2020/2021 година.
Секаде, како што наведуваат од МОН, каде условите го дозволуваат тоа, ќе се реализира настава од училница. Преку платформата ќе има можност да се следи кој од наставниците се вклучил на платформата и на кој начин го одржал часот.
-Пристап до платформата ќе имаат и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образование, како две институции што треба да го следат квалитетот на образованието. И за разлика од претходната година, исто така воведуваме можност за валидација на знаење со физичко присуство, за да ги мотивираме и наставниците и учениците, коишто следат онлајн настава, да научат повеќе, да се стекнат со повеќе знаење, коешто натаму ќе биде оценето, рече Царовска.
Единствената национална платформа за онлајн настава веќе е во драфт верзија и министерката наведе дека јавноста многу скоро ќе ја види. Таа ќе биде едноставна за употреба и ќе значи дигитализација на образовниот процес. Во моментов се подготвуваат наставници кои ќе бидат мастер-тренери кон другите наставници во нивните училишта.