Газдите на текстилните фабрики бараат работниците во оваа индустрија да работат по осум и пол часа, за да може паузата од половина час да им биде платена.

Тие, како што објави Вечер, велат дека со сегашното работно време од осум часа односно од ефективни седум и пол часа фабриките биле неконкуретни во однос на тие од регионот.

Газдите бараат и укинување на празници за да нема дисконтинуитет во производството односно работниците повеќе да работат, а за се ова како и за други барања се обратиле со писмо до министерките за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Нина Ангеловска, но и до вицепремиерот Кочо Анѓушев, дознава „Фактор“.

– Тоа што е за паузата е навистина проблем затоа што секаде работното време е подолго, а паузите се платени. Кај нас не може ништо да се постигне со ефективни седум и пол часа работа. И плус каде, во која земја има 22 празника. Никаде, вели претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска.

Според последните податоци во текстилната индустрија во Македонија се вработени над 36.000 луѓе.