ЕУ не е фер кон Македонија, побараа да промените име и знаме, сега бараат Македонците да прифатат дека не се Македонци, порача од Скопје поранешниот министер за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
Од меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир“ на која домаќин беше поранешниот претседател Ѓорге Иванов, испратена беше пораката дека местото на државава и регионот е во Европската Унија, што би значело подобрување на безбедносната состојба на цела Европа.
-Верувам дека безбедноста на балканскиот регион, Европа и Турција е неделива, и се надевам дека Македонија ќе стане членка на ЕУ во годините кои следуваат.Без отворање на поглавја на Македонија и се дадени претходни критериуми кои не се фер кон македонските граѓани.Од Македонија се бараше да го смени знамето, да го смени името, сега од Македонците се бара да прифатат дека тие всушност не се Македонци, изјави Чавушоглу.
Домаќинот Иванов порача дека како на патот кон ЕУ, така и за било што најважно е да се има дојалог. Според него целта мора да биде создавање простор, во кој различни идеи, искуства и визии, ќе може да се сретнат во духот на почитување, разбирање и отворен разговор.
-Денес дијалогот не е избор, тој е неопходност. Мирот не е состојба што еднаш засекогаш се постигнува, мирот е процес на постојано градење доверба, не постои траен мир без разбирање, не постои разбирање без разговор и не постои вистински разговор без подготвеност да се слушне другиот, кога престанува дијалогот започнуваат поделбите, изјави Иванов.
Вицепремиерот Љупчо Димовски вели дека Македонија мора да покаже дека е фактор на стабилност, која ќе се гради преку разговор.
-Мирот е можен, дијалогот е неопходен, а иднината им припаѓа на оние што избираат да ги поврзуваат луѓето, народите и државите. Да изградиме мостови на разбирање денес за да обезбедиме мир и единство за генерациите што доаѓаат. Нека оваа конференција биде уште еден чекор кон свет во кој различностите се богатство, дијалогот е принцип, изјави Димовски.
Инаку, во фокусот на конференцијата „Дијалог за единство и мир 2026“ се актуелните глобални предизвици и можностите за унапредување на меѓународната соработка, дијалогот и мирот. Учеству ќе земат поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија.




