Турција се надева дека претстојните преговори меѓу делегациите на Русија и Украина, од денеска до среда, ќе доведат до мир во Украина, изјави вчера шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

– На иницијатива на турскиот претседател Ердоган, преговарачките делегации на Русија и Украина ќе се сретнат во Турција. Свесни сме за одговорностите кои произлегуваат од довербата што двете страни ја имаат во Турција. Се надеваме дека средбите ќе резултираат со траен прекин на огнот и ќе овозможат мир, напиша Чавушоглу на Твитер, пренесе ТАСС.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин за време на телефонскиот разговор вечерва се договорија за нова директна средба меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, соопштија претходно денеска од кабинетот на Ердоган.