Во моментов „нема дипломатско решение“ за војната во Украина, изјави денеска Ирина Чербакова, коосновач на руската невладина организација за човекови права Меморијал, која беше распуштена од руските власти.

– Апсолутно сум убедена дека нема дипломатско решение со режимот на (претседателот Владимир) Путин, се додека тој се уште е таму, рече Чербакова, која ја напушти Русија по инвазијата врз Украина и моментално престојува во Германија, во Хамбург.

Според неа, засега единствено решение е воено, иако дипломатијата може да има значајна улога во решавањето на конфликтот.

– Дипломатијата може да интервенира дури откако Украина ќе оцени дека победила во војната и дека војната може да запре, рече руската активистка и оцени дека повиците за мир сега се предвремени и „детски“.

Невладината организација Меморијал е овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир, заедно со белорускиот активист за човекови права Алес Бјаљацки и Украинскиот центар за граѓански слободи.