На 8 септември во 2022 година, на 96 години почина Кралицата Елизабета Втора која беше монархот со најдолго владеење во британската историја и најстариот шеф на држава во светот.

Кралицата Елизабета Втора се соочуваше со здравствени проблеми откако помина една ноќ во болница – 96-годишниот монарх оттогаш откажа серија јавни ангажмани по медицински совет.

Бакингамската палата соопшти дека кралицата починала во замокот Балморал, нејзината летна резиденција во Шкотска, каде во текот на денот заминаа и членовите на кралското семејство, откако беше потврдено дека здравствената состојба на Елизабета Втора се влошила.

Како симбол на поврзаност со речиси целосно изумрената генерација која се бореше во Втората светска војна, Елизабета Втора беше единствениот монарх кој најголем дел од Британците го паметат. Елизабета Втора го презеде тронот 1952-та година по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ 6-ти.

Беше крунисана на 2-ри јуни 1953-тата година на возраст од 27 години.

Децениите кои следуваа донесоа огромни промени, со колапсот на Империјата во некогашните колонии и драматичните промени во британското општество и неговите ригидни норми во текот на 60-тите години. Елизабета Втора како шеф на британската држава, во согласност со правилата на уставната монархија, во текот на своето владеење соработувала со дури 15 британски премиери, започнувајќи со Винстон Черчил и завршувајќи со Лиз Трас, на која и го додели мандатот само неколку дена пред смртта.

Со британските премиери во текот на своето владеење таа не престанала да одржува средби еднаш неделно.

Во промените услови, британските историчари оценуваат дека таа ја реформирала монархија, фокусирајќи се повеќе на присуство на јавни настани и средби со своите поданици.

Од бракот со својот сопруг, Принцот Филип, Елизабета Втора имаше четири деца. Нивниот прв син Чарлс е роден 1948-та година, потоа принцезата Ана, родена две години подоцна, принцот Ендрју 1960-тата година и принцот Едвард во 64-тата година. Од своите деца, Елизабета беше баба на 8 внуци и прабаба на 12 правнуци.