Во Културниот центар „Фазил Искандер” во Москва од 23 до 30 април се одржуваат Денови на македонската литература за деца и млади насловени „Читај ја Македонија!”. Такво широко претставување на македонските писатели за деца во Русија се прави прв пат, соопшти Олга Панкина, претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва.

Главни гости на настанот биле деца на 11-12 годишна возраст и нивни школски наставници. Панкина кратко ги запознала со историjата на словенското писмо, истакнуваjќи jа улогата на сесловенските просветители св. рамноапостолни браќа Кирил и Методиj и панорамски ги претставила македонските автори кои пишуваат за деца и млади – од класиците како Ванче Николески и Видое Подгорец, до современите Киро Донев, Биљана Станковска, Горјан Петрески и др., до најмладите како Натали Спасова и Хана Корнети.

– Посебно внимание му беше посветено на романот “Другата мајка” на Драгица Најческа (превод на руски: Олга Панкина, издавачка куќа “У Никитских ворот”, Москва, 2021) – историја на Кристина, десетгодишно девојче останато без мајка која загина во катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Присутните, како децата, така и возрасните буквално беа одушевени од поезијата на познатите македонски писатели: Бошко Смакоски, Васил Пујовски, Волче Наумчески, Васил Куновски, Цане Андреевски, Киро Донев, Панде Манојлов, Стојан Тарапуза и други, се вели во соопштението од Панкина.

Се додава дека таа истакнала дека низа песни од тие автори може да се прочитаат во реномираното списание „Иностранаја литература” излезено од печат во jануари оваа година.

За време на настанот на Олга Панкина ѝ помагалеа артистите на Театарот „Город” од градот Долгопрудни, кои пред публиката ги прочитале како песните, така и македонските приказни „Силјан Штркот„ и „Детето со sвезда на челото” преведени на руски.

Олга Панкина на сите заинтересирани им подарила книги на македонски автори.

Уште пред настанот во Центарот „Фазил Искандер” Панкина организирала конкурс за деца и нивни родители под наслов „Слушаме и цртаме македонски приказни”. Младите творци – од 3 до 14 години – направиле слики според мотивите на повеста „Силјан Штркот”, на приказните за Итар Пеjо, како и од книгата Македонското народно творештво „Детето со sвезда на челото”, Скопје, Детска радост, 2019. Панкина истакнала дека конкурсот имал цел да придонесе за приближување на македонското фолклорно богатство до светот на децата. Од наjдобрите детски творби била составена изложба коjа ќе биде отворена во Центарот уште еден месец.

Почнуваjќи од 2014 година Олга Панкина, претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва, се подвлекува во соопштението, успешно го реализира во Русиjа проектот „Читај ја Македонија!” одржувајќи разни литературни и културни настани низ цела година, а главниот настан на годината – на пролет, поврзуваjќи го со Денот на словенското писмо. Значајно е тоа што во 2025 година Деновите на македонската литература во Москва ѝ се посветени на македонската книжевност за деца и млади.

Фото: Олга Панкина, претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва