Северна Кореја предупреди дека Јужна Кореја ќе стане „одлучувачка цел“ за колективна одмазда доколку служи како главен центар во системот за колективна одбрана предводен од САД, јави севернокорејската државна новинска агенција КЦТА.

Во коментар за КЦТА, Канг Чол-су, претставен како директор на оддел во Институтот за проучување на непријателски држави, го обвини Вашингтон дека го претвора својот сојузник Јужна Кореја во база за постигнување глобална хегемонија и дека ја користи како платформа за првично распоредување сили при конфликти во странство.

Канг цитираше изјави на командантот на американските сили во Јужна Кореја, генерал Хавиер Брансон, во кои Сеул е претставен како клучен центар на колективната одбрана, и ги критикуваше заедничките вежби и распоредувањето на американските трупи.

Во коментарот се наведува дека Пјонгјанг подготвил контрамерки и безмилосно ќе ги спречи сите предизвици за својата безбедност.

САД имаат околу 28.500 војници во Јужна Кореја, кои се стационирани таму за да помогнат во одвраќање на агресија од страна на Северна Кореја.