Чудни рекорди бележи Македонија: Цените на становите уриваат рекорди, во државата има рекорден број на празни над 307 илјади станови, а постигнат е и рекорден број на издадени дозволи за градба.
Како што објави Дојче веле, нови згради продолжуваат да се градат, а побарувачката за нови станови во Скопје, како и во Охрид и Струга не стивнува. Квадратот покрај охридското крајбрежје достигна и над 2.500 евра.
Над 307.187 или 36,6 отсто од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4 отсто се населени, покажуваат податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика.
Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град – 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари.
Охрид е втор град на листата со станови во кои не живее никој. Според статистиката, во овој туристички град има 17.820 празни станови, додека во Струга 10.153. Во Битола, пак, евидентирани се дури 16.063 станови без домаќини.
И покрај кризата, поскапувањето на материјалите за градба што повлече и енормен раст на продажната цена на становите, минатата година имало рекорден број на издадени дозволи за градење.