Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска беше во работна посета на граничниот премин „Богородица“ каде се сретна со раководството и ги посети полициските службеници кои изминатиот период, како што напиша на неговиот ФБ профил, неуморно и посветено работеа за камионскиот транспорт да не запре, да не се затворат маркетите и граѓаните да ги имаат сите потребни продукти за нормално функционирање на животот.
– Со својот труд, ангажман и посветеност тука и на сите други премини униформираната полиција го даде својот придонес пандемијата да нема влијание врз реалниот живот, вели министерот Чулев.
Тој им се заблагодари за ангажманот и посветеноста за сите вработени во Министерството за внатрешни, но и на професионалните возачи за исклучителниот ангажман во надминување на оваа состојба.
– Пандемијата од коронавирусот значително го смени текот по кој функционираше општеството и нашите животи. Ги затвори границите и го ограничи нашето движење. Но, еден сегмент од човечкото живеење не смеевме да дозволиме да застане и успеавме во тоа. И тоа беше вистински предизвик за сите нас. Економијата и транспортот продолжија да функционираат без посериозно и поголеми отстапувања, објави на својот ФБ министерот Чулев.