Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев најостро ги демантираше пишувањата во одредени медиуми за наводни апсења на лица кои се дел од неговиот тим.
Како што соопшти министерот, станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со наговиот тим или кабинет.
-Лицата немаат добиено било какви решенија од моја страна, потенцираше министерот.
Чулев додава дека во таа насока во целост ги демантира наводите објавени во медиумите кои, како што вели, се креирани од луѓе кои сакаат да застанат на патот на правдата.
-Уште еднаш напоменувам дека изнесените наводи во медиумите се лага и конструкција смислена од претходното раководство на министерството за внатрешни работи. Овие лажни вести се пласираат за да се нанесе штета на моето работење и на моите соработници. Според моите информации во наредниот период се очекува покрај вакво изнесување на невистини да се преземаат и други слични активности кои се резултат на спрегата помеѓу параполициски, судски и обвинителски структури, блиски до СДСМ и подземјето со цел попречување на истрагите кои се во тек, а се однесуваат на криминалните дејствија поврзани со претходната структура. Напоменувам дека никој нема да ме поколеба или исплаши во мојата посветеност за бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, порача министерот Чулев.