Одделот за внатрешна контрола, криминалистичка полиција и полициски стандарди во соработка со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција-одделение за полициски службеници подготвуваат пријава за несовесно работење на пет високи раководни службеници во СВР Велес, информираше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев при денешната посета на СВР Велес.

Чулев појасни дека се работи за случај за постапување по пријава на полициски службеници во село Горно Врановци, во Општина Чашка, при кривично дело кражба при нелегална сеча на дрва.

– По доаѓањето на местото на извршување на кривичното дело,полициските службеници ги пуштаат извршителите, ги растовараат дрвата иизвршителите заедно со средствата за извршување на кривичното дело-тракторот си заминуваат, информира Чулев.

Според него, при тоа е направена фото-докуметација и има фото албум од настанот.

Како што прецизира Чулев, полициските службеници делото го пријавиле како пронајдени предмети, а дополнителна грешка е што тие не постапиле согласно Законот за кривична постапка  односно не го информирале ОЈО за понатамошно постапување.

Воедно, подвлече Чулев, овие полициски службеници по отворање на истрагата од страна на Одделот за внатрешна контрола давале неточни изјави во ОЈО.

Тој информира дека во текот на денот се комплетира документацијата за ова дело и во целост се работи во насоки и инструкции од страна на надлежниот јавен обвинител, по што ќе се поднесе соодветна кривична пријава во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција до Одделението за полициски службеници, а против наведените лица ќе се иницира соодветна дисциплинска постапка.