Херојот на Пари Сен-Жермен во синоќешниот триумф над Аталанта во четвртфиналето на Лигата на шампионите, Ерик-Максим Чупо-Мотинг, рече дека тимот верувал во успех до последен момент и тоа дало резултат на „лудиот натпревар“.

Камерунецот го постигна победничкиот гол во 93. минута.

– Беше луд натпревар. Многу тежок противник. Мислам дека до последен момент покажавме дека веруваме во себе. Не беше лесно затоа што имавме добри шанси, но, за жал, не можевме да постигнеме гол. Кога влегов на теренот, помислив: „Не можеме да изгубиме, не можеме да се вратиме дома вака“. Бев сигурен во себе и во тимот, а остатокот е веќе историја за ПСЖ, рече Чупо-Мотинг.

ПСЖ беше на прагот на елиминација, бидејќи губеше до 90. минута, но со два гола за три минути направи целосен пресврт и се пласира во полуфиналето од елитната лига.