Сметам дека е многу веројатно господинот Мицотакис да не го отвори повторно Парламентот по расправата за буџетот и да оди на предвремени избори, оцени лидерот на грчката опозициска партија Алексис Ципрас во интервјуто за телевизијата „Стар“ од централна Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Расправата во Парламентот започна вчера, а гласањето на буџетот е закажано за сабота, најдоцна на полноќ.

– Сметам дека прикривањето на нелегалните прислушувања е уште полошо од самиот криминал што е извршен. Така, сметам дека е многу веројатно господинот Мицотакис да не го отвори повторно Парламентот по расправата за буџетот и да оди на предвремени избори. Ова, го сметам за веројатно, рече Ципрас.

Паралелно, не ја отфрли можноста да достави предлог за гласање недоверба на Владата, меѓутоа, објасни дека сепак, тоа нема да го расчисти скандалот со прислушувањата.

– Расчистувањето на скандалот го очекуваме од институцијата која е законски надлежна да расчистува скандали, тоа го очекувам од грчката правда. Затоа минатиот понеделник, пред една седмица, го посетив обвинителот на Врховниот суд, господинот Дојакос и му ги покренав сите овие прашања, рече Ципрас.

Во однос на случајот со прислушувањата, лидерот на СИРИЗА го повтори неговиот став дека грчкиот премиер е на чело на скандалот, а целта е да добие информација која во денешно време е клучна и корисна, за да контролира сè, да уценува.