Околу 1,5 милиони пензионери во Грција ќе станат сиромашни откако владата гласаше за новите мерки кои ќе стапат во сила од 1 јануари 2019 година. Според новите мерки дополнителни 20 милијарди евра ќе бидат загубени и практично ќе излезат од пензионерските џебови.

Тешката иднина за пензионерите ја опиша претседателот на Здружението на мрежата обединети пензионери, Никос Хаѕопулос во весникот „Та неа“.

„Со новите кастрења кои ќе се случат за старите пензии од 2019 година (паралелно со намалување на дотациите кои се ослободени од даноци) просечната пензија ќе изнесува 450 евра. Со новите намалување ќе бидат зафатени една третина од пензиите“, пишува Хаѕопулос.

Се проценува дека дополнителни 20 милијарди евра ќе загубат пензионерите само заради воведувањето на двете рестрикции. Тој потсетува дека кон ова треба да се додадат и 67 милијарди кои претходно беа одземени согласно меморандумот за странска помош.

-Денес околу 1,5 милиони пензионери со приход од 450 евра се изложени на сиромаштија. Осум од десет пензионери сега се на границата на сиромаштија“, додава лидерот на унијата на пензионерите.