Вечерва заседаваше на редовна седница Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која се разговараше за повеќе теми поврзани со тековните и актуелни случувања во Република Македонија, информира вечерва Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Централниот Комитет зазема став во однос на актуелниот попис кој претставува тема која се злоупотребува од власта за политичка пресметка и се користи како димна завеса да се одвлече вниманието од обидот за фалсификат кој се прави во позадина како и дефокус за останатите теми кои ги загрижуваат граѓаните. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ смета дека одбивањето на иницијативата за собирање на граѓански потписи за носење на закон за поништување на законот за попис, претставува чекор во кој се гледа стравот на власта на Зоран Заев од соочување со народот и неговата волја. Заев едноставно речено одбегнува да го чуе гласот на народот, истакна тој.

Информираше дека ВМРО-ДПМНЕ покрај пратеничките потписи, донесе одлука во сопствена организација да почне со собирање на граѓански потписи насекаде низ државата, кои ќе дадат легитимитет на нашата одлука пратениците да поднесат закон за укинување на законот за попис.

-Нема да ја ускратиме можноста граѓаните да се вклучат во нашата иницијатива да се стопира фалсификатот на пописот. На седницата на Централниот комитет беше разговарано и за тековни внатрепартиски активности. ЦК на ВМРО-ДПМНЕ по предлогот на ИК кој заседаваше уште пред два дена донесе одлука за оддржување на редовен конгрес на партијата на ноември. Воедно ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери ќе бидат на терен по градовите и селата, заедно со народот. ЦК на ВМРО-ДПМНЕ разговараше и за други актуелни теми. Режимот на Заев кој е најкорумпиран во Европа, прогласен за хибриден режим, треба да биде целосно размонтиран. Неговата влада која се оддржува со мнозинство кое е на стаклени нозе по бројните скандали, случаи на криминал нема никаков кредибилитет да управува со државата и треба час поскоро да си замине. Имаме министри кои немаат НАТО сертификат, а земјава е членка на НАТО веќе една година, затоа што кај нив има корупција и криминал. Државата е на дното во светот и сеуште нема ниту еден вакциниран против коронавирусот, но е во врвот по број на смртни случаи и заразени. Имаме образование кое служи за експеримент и економија во рецесија. Ова се вистинските теми кои и интересираат граѓаните, а не стандардниот фолклор на Заев и неговите оправдувања, порача тој.