Мнозинството Французи се против проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и ова прашање не го сметаат за важно, но, според нив, интеграцијата на државите од регионот би и донела геополитички предности на Унијата, покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот за европски политики при Фондацијата „Отворено општество“ спроведено во Франција.

Анкетата покажува и дека проширувањето на ЕУ со земјите Западен Балкан не би имало значајно влијание врз француската внатрешна политика и врз изборниот процес во Франција, па според авторите на истражувањето ставовите на Французите за овој процес повеќе ги одразува генералните гледишта за ЕУ, отколку конкретните мислења за земјите од Западен Балкан.

Според резултатите од истражувањето, 33 проценти од акетираните Французи имаат „прилично негативен“ став кон приклучувањето на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија во ЕУ, 26 остто имаат „многу негативен“, 19 процети се со „прилично позитивен“, а само три отсто со „многу позитивен“ став кон овој процес. Вкупно 19 проценти од испитаниците немаат мислење за ова прашање.

Во однос на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, 49 отсто од испитаниците имаат „прилично“ или „многу негативен“ став, 25 проценти имаат „прилично“ или „многу позитивен“ став, а 26 отсто немаат мислење.

И покрај генерално негативниот став кон проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, дури 33 проценти од испитаниците сметаат дека тој процес „нема многу да влијае врз нивниот живот“, по 20 отсто мислат дека „нема воопшто да влијае“ или „малку ќе влијае врз нивниот живот“, а само 8 проценти се на мислење дека „многу би влијаел врз нивниот живот“. И за ова прашање 19 отсто од анкетираните немаат мислење.

Испитаниците сепак признаваат дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ би донела геополитички предности за блокот. Според мнозинството испитаниците, од геополитичка перспектива, членството во ЕУ може да го заштити регионот од „лошото влијание од Русија, Кина, па дури и од САД“, а дел од нив сметаат дека приемот на западнобалкланските држави во Унијата би претставувало и еден вид „исправање на географската грешка“.

Интересно е дека оние кои не го одобруваат приклучувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, генерално имаат многу понегативно мислење за Унијата, за разлика од оние кои го одобруваат процесот на проширување на блокот кон регионот. Така, половина од „неодобрувачите“ на проширувањето имаат „прилично“ или „многу негативна слика“ за ЕУ, додека од друга страна две третини од „одобрувачите“ се со „многу“ или „прилично позитивна слика“ за Унијата.

Оние испитаници кои го поддржуваат приклучувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ веруваат дека Унијата може да се справи со предизвиците што ги носи проширувањето кон регионот, посебно со економските предизвици, додека оние кои се против овој процес се помалку оптимистички настроени.

– Резултатите го потврдуваат заклучокот дека гледиштата за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан се одраз на гледиштата што луѓето ги имаат за Унијата, се заклучува во истражувањето.

Според авторите на истражувањето, со оглед на малата важност на ова прашање меѓу францускиот електорат, малку е веројатно дека продолжувањето на процесот на проширување со Западен Балкан генерално би имал значајно влијание врз внатрешната политика во Франција и конкретно врз изборниот процес.

– Ова истражување на ги потврдува стравовите дека електоратот може да ја казни француската Влада поради продолжувањето на процесот на проширување, се додава во анализата.

Со анкетата биле опфатени 4.017 испитаници, кои требало да одговорат на 30 прашања поврезани со темата. Анкетата била спроведена во периодот од 9 до 25 март 2020 година, а дополнително на 23 и 24 септември 2020 година биле одржани интервјуа со 28 учесници опфатени со фокус-групи.