Вчера околу 21,00 часот полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово – Полициска станица Гостивар, на регионалниот пат Гостивар – Маврови Анови, запреле патничко моторно возило „Мерцедес“ со гостиварски регистерски ознаки, што го управувал Р.И. (24) од село Равен, гостиварско.

Во возилото, во кое се наоѓале и А.О.(18) и М.Е.(24), исто така, од Равен, пронајдена е и одземена марихуана и две дробилки. Трите лица лишени се од слобода и задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување на случајот.

На улица „Илинденска“ во Тетово вчера околу 10:00 часот лишени од слобода се Ш.И.(26) и Б.Ќ.(26) двајцата од Тетово, поради сторена тешка кражба на златен накит, извршена на 18-ти овој месец во куќа во Тетово. При тоа, кај Б.Ќ. пронајдени и одземени се златен накит и нож.

Дел од одземениот накит во кражбата е вратен на сопственикот на куќата.

Полициската станица Валандово поднесе кривична пријава против Д.Б.(30) од Валандово, М.Р.(59) од село Глишиќ, кавадаречко и Б.Д.(56) од Демир Капија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “несовесно работење во службата“.

Првопријавениот, како директор на ЈП „Комунален сервис“ – Валандово, во текот на октомври и ноември 2017 година без претходно спроведена постапка и одлука за јавна набавка, склучил  договор за сервисирање, набавка и монтажа на потопен мотор и пумпа со правно лице во кое второпријавениот бил управител и сопственик,  а  третопријавениот бил косопственик, со што е истите се стекнале со противправна имотна корист од 194.969 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против В.Р.(59) од Прилеп за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување“. 

Во текот на 2012 година пријавената, како директор на државен студентски дом ,,Орде Чопела“ – Прилеп, без да објави оглас за доделување на договор за јавна набавка на електронскиот систем за јавна набавка на Бирото за јавни набавки, извршила јавна набавка на стоки и услуги за одржување и реконструкција на простории во студентскиот дом, со што овозможила четири правни лица да се стекнат со протвправна имотна корист од вкупно 990.381 денари.

Денеска во 03,45 часот пред угостителски објект на улица “Анастас Митрев“ во Скопје, Б.Л.(26) и неговата сопруга А.М.Л.(22) од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон полициски службеници.

Двете лица се приведени во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во 08,00 часот било пријавено дека на булевар “Кочо Рацин“ во Скопје по претходно недоразбирање и расправија околу сообраќајот бил нарушен јавниот ред и мир од А.Т.(33) од Битола од една страна и И.Д.(29) и Д.Д.(33) од Скопје од друга страна.

По преземени мерки од страна на полициски службеници, поднесени се сооветни поднесоци.

Денеска во 03,00 часот во Полициска станица Центар, 56- годишен маж пријавил дека вчера околу 21, 30 часот во Скопје, неговата ќерка по претходен договор се сретнала со момче со кое претходно била во љубовна врска, при што момчето ја внело во патничко моторно возило „Пасат“ и и упатувал закани.

Потоа ја оставил на булевар „Партизански Одреди“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Вчера околу 12,40 часот во Скопје, на улица „Лука Геров“, при преземање на мерки по претходна пријава за семејно насилство, Р.Б.(37) упатувал закани по животот на полицискиот службеник и агресивно се однесувал, по што бил приведен.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против С.Р.(22) и Д.П.(30), двајцата од Прилеп за сторено кривично дело „насилство”. 

На  24-ти минатиот месец во 02,30 часот во Прилеп на булевар „Гоце Делчев“, по претходна вербална расправија во врска со случена сообраќајна незгода,  пријавените физички го нападнале В.Т..

Вчера во 11,15 часот Е.Ц.(40) од Скопје, пријавила дека истиот ден околу 08,45 часот во автобус на ЈСП со број 57 на улица “Васил Ѓоргов“ се упатила кон возачот за да му каже да застане за да се симне, по што тој отворил вратата и физички ја нападнал.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Надоврешната канцеларија за криминалистичи работи Прилеп поднесе кривична пријава против С.С.(64)  од Крушево за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. 

На 30.04.2018 пријавениот, како директор во  ЈП “Македонски шуми” – ПШС „Липа“ Крушево, без законска основа, ниту со овластување дадено од директорот на ЈП “Македонски шуми”, формирал работна група од вработени за контрола на товарни возила кои вршеле транспорт на огревни дрва за фирми со кои јавното претпријатие имало склучено договори  за купопродажба и транспорт на дрва.

При тоа, во периодот од 30.04.2018 до 22.06.2018 година, од страна на работната група, во повеќе наврати, биле констатирани различни неправилности кај фирмите кои вршеле транспорт на огревни дрва, но пријавениот и покрај тоа, за одредени фирми, дозволил да биде извршен превозот на огревните дрва. На овој начин пријавениот нанел штета од околу 2.978.290 денари на Буџетот на ЈП “Македонски шуми”.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе две кривични пријави против А.Б. (70) од Струмица за сторени кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „недозволена трговија“ и против Ж.Р.(65) од Скопје за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

На 05.10.2018 година во Струмица на  улица „22-ри Декември“, од страна на полициски службеници, при претрес во домот на првопријавениот, биле пронајдени и одземени 15 куршуми со калибар 7,65 мм и  52 куршуми со калибар 9 мм. На 05.10.2018 година во Скопје на улица ”Џон Кенеди“, од страна на полициски службеници, при претрес во домот на второпријавениот, биле пронајдени и одземени рамка за пиштол,  33 куршуми со калибар 9 мм и осум куршуми со калибар калибар 7.65 мм,.

Денеска околу  04,30 часот е пријавено дека на улица „Ѓорѓи Поп Христов“ во Скопје било опожарено  патничко моторно возило „БМВ“, сопственост на Џ.А. (37).

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.