На 17 декември 2018 година во 12,45 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на крстосницата од булеварот „Никола Карев“, улицата „Јадранска Магистрала“ и булеварот „8-ми Септември“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Шевролет спарк“ со скопски регистерски таблици, управувано од Л.Г.(60) од Скопје, патничко моторно возило „Сеад алтеа“ со скопски регистерски таблици, управувано од О.Т.(30) од Скопје и патничко моторно возило „Фолксваген пасат“ со скопски регистерски таблици, управувано од Ф.М.(58) од Скопје.

Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила Л.Г., констатирани од страна на лекар од Градската општа болница „8-ми Септември“, а со телесни повреди се здобил О.Т., констатирани од страна на лекар од Градската општа болница “Свети Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 17 декември 2018 година во 13,40 часот на Граничниот премин-Долно Блаце при влез во Р.Македонија бил лишен од слобода Б.У.(32) од Косово, кој се барал со потерница од Интерпол.

Лицето е предадено на полициски службеници од Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.

На 17 декември 2018 година во 22,10 часот на Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“, на влез во Македонија при преглед над Б.К.(27) од Швајцарија, била пронајдена марихуана.

Б.К. е приведен и предаден на полициски службеници за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија до Основното Јавно обвинителство Скопје, поднесе кривични пријава против Е.Ш.(30), поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „недозволено изработување држење и тргување со оружје или распркувачки материи“, предвидено и казниво по член 396 од КЗ.

Имено на 28-и минатиот месец на улица „Беласица“ во Скопје, од страна на полициски службеници извршено е легитимирање и преглед на пријавениот, при што кај истиот бил пронајден пиштол „Црвена застава“ кал. 7,65 со една рамка со 7 куршуми.

Во текот на изминатиот ден  на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно седум сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, две сообраќaјни незгоди со телесни повреди и четири со материјална штета.

Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и две лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 31 возач управувал возило со брзина поголема од дозволената.

Од сообраќај се исклучени 16 возачи од кои: двајца затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 13 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач затоа што бил возач-почетник. Исто така исклучени од сообраќај се и седум возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се седум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, тројца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, тројца поради неправилно престројување, шест возачи поради неправилно престигнување, седум поради неносење пропишана зимска опрема, еден возач поради неносење сигурносен појас и пет возачи поради користење на мобилен телефон при управување со возило.

Во текот на изминатите денови издадени се 68 мандатни платни налози и 67 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.