Црна Гора се соочува со загрижувачка ситуација на пораст на бројот на илегални мигранти, кои од Грција преку Албанија пристигнуваат на нејзина територија, изјави црогорскиот премиер Душко Марковиќ

– Во првите пет месеци од годинава регистрирани се околу 1.500 илгелани преминувања на границата, што е значително повеќе отколку во целата претходна година. Очигледно е дека постои проблем и трендот не е добар, изјави Марковиќ во интервју за австриската телевизија ОРФ.

Тој нагласува дека Црна Гора има план за преземање бројни мерки со цел намалување на бројот на илегални мигранти, кои од нејзина територија влегуваат во ЕУ, додавајќи дека се потребни заеднички напори во регионот за одговор на овој предизвик.

Марковиќ најави и дека црногорските власти подготвуваат посебна локација за сместување на мигрантите, доколку Црна Гора биде зафатена од мигрантски бран.

– Пред Европската комисија инициравме проект за санација на стара југословенска касарна на границата со Албанија, која би можела да стане центар за прифат на мигранти, со цел подобро да ја контролираме состојбата, додаде Марковиќ.

Според него, во моментов се појавува тенденции на создавање нова мигрантска рута од Грција, преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кон Европа.

– Работиме на сите полиња за да одговориме на овој предизвик и за намалување на притисокот на границите на Европската унија, нагласи Марковиќ во интревјуто.