Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ЗАСЛЕПУВАЧКА СВЕТЛИНА
Откако се воведе дисциплината говор на омраза (неверојатно матен и двосмислен термин), сега се воведува ново-старата и добро проверена „демократска“ дисциплина, според која секоја граѓанин на Државата (може и број) има света, просто божествена мисија – следење и информирање кој со кого и каде се сретнал. Нормално, и зошто се сретнале. Би било пожелно да се каже/обзнани и за што точно се зборувало.

Ако не може прецизно да се определи темата на средбата/разговорот, тогаш барем да се изнесат п р е т п о с т а в к и за неа, бидејќи претпоставките се битен фактор во контролата на можното неконтролирано однесување на одредени сомнителни елементи.

На тој начин се обновува, ако воопшто била прекината, старата и добра сталинистичка (богами и наци-фашистичка) пракса – следење на секого од секого, после кое можат да следат соодветни информации, до соодветните органи. На пример, може да се даде (писмена или усна) информација дека граѓанинот тој-и-оној се сретнал со граѓанинот оној-и-тој, таму-и-онаму и дека темата на нивниот разговор била вознемирувачка, како што е, на пример, можното влијание на киселата почва врз развитокот на краставиците и некиселите зелки, познати и како кисел расол.

Во оваа дисциплина на информирање се вклучи, на свој особен начин, и Владимир Милчин. Со тоа, идејата за отворено општество завршува со сеопшто следење и молк во општеството, комбинирана со осуда на недофатливиот говор на омраза. Само така, и никаку поинаку другари, може да се роди светлата иднина, која ќе биде толку сјајна што ќе биде заслепувачка – како што е директното гледање во Сонцето.