За најголемиот македонски национален празник 2 Август – Илинден во Македонија традиционално ќе се одржат повеќе манифестации и народни собири бидејќи празникот е и верски.

Според најавите за учество на државниот политички врв премиерот Димитар Ковачевски излегува „комита“ на Мечкин Камен во Крушево, собранискиот спикер Талат Џафери „партизан“ во Пелинце, а претседателот и врховен командант на вооружените сили на Македонија, Стево Пендаровски „бега“ од народните собири и ќе остане во кругот на Вила Водно.

Пендаровски, во вторник ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробовите на поранешните претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски и генерал Михајло Апостолски.

Потоа на платото пред својот кабинет на Водно ќе се обрати и ќе додели одликувањата и ордени.

Премиерот Димитар Ковачевски за Илинден ќе одржи говор на Мечкин Камен во Крушево, потврдија од Владата.

Свечената програма во организација на Владата започнува во 11:30 часот, со положување цвеќе на Мечкин.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на Илинден ќе држи говор во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 2 Август традиционално, како што соопштија од партијата, ќе биде во Ташмаруниште.