Центарот за управување со кризи информира за состојбата во земјава по невремето и обилните врнежи од дожд.

Поради невремето и обилните врнежи од дожд што во текот на денот зафатија повеќе делови од државата, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се примени голем број пријави за поплави, паднати дрвја, оштетена инфраструктура и други последици. Надлежните институции се на терен и работат на санирање на состојбата.

Скопски регион

Од невремето кое во попладневните часови го зафати Скопје и околината, преку 112 се примени повеќе пријави за поплави и други последици:
Поплавени се два подвозника со заглавени возила – пред кружниот тек во Бутел и на бул. „Србија“ во Општина Кисела Вода.
Поплавени се три кружни текови – кај Ист Гејт (Општина Гази Баба), кај Мото Центар и Цементара (Општина Кисела Вода) и кај Железара (Општина Гази Баба).
Поплавена е улицата „Јордан Мијалков“ позади Дајмонд Мол, како и повеќе други улици низ градот.
Пријавени се поплавени куќи, подрумски простории и гаражи во населбите Кисела Вода, Автокоманда и Чаир.
Пријавени се поплавен магацин на Веро во Чаир и магацин на приватна фирма во Кисела Вода.
Поплавени се паркинзи и сервисни улици во населбите Расадник (Кисела Вода) и Аеродром.
Во просториите на МАНУ се поплавени подрумските и гаражните простории, а вода навлегла и во главниот хол и Амфитеатарот.
Пријавен е полн канал со вода на ул. „Божин Николов Силни“ во Горно Лисиче (Усјански канал), кој претставува опасност од прелевање и поплавување на дворови и куќи.
Пријавено е зголемено ниво на реката Серава на ул. „Призренска“ во Општина Бутел.
Поради поплавените улици, кружни текови и подвозници, движењето на возилата е значително отежнато.
И понатаму пристигнуваат пријави за поплавени куќи и станбени згради, а надлежните служби постапуваат по сите пријави.

Кумановски регион

Во Општина Куманово пријавени се поплавени подрумски простории на улиците „Моша Пијаде“, „Октомвриска револуција“, „Бајрам Шабани“, „Трета МУБ“ и „11 Октомври“.
На ул. „Веселин Маслеша“ и во објектот на „Комодита“ на ул. „Гоце Делчев“ навлегла вода, а поплавување е пријавено и на ул. ЈНА кај ЛП Плаза. Пријави има и од други локации во градот.
Екипите на Општина Куманово, ТППЕ Куманово и јавните комунални претпријатија работат на санирање на последиците.

Струмичко-Радовишки регион

Во Општина Струмица регистрирани се паднато дрво, паднато електрично броило, паднати жици и бандери.
Во Општина Радовиш пријавено е паднато дрво врз автомобил и поплавување на три улици.

Велешки регион

Поради невремето во Општина Велес, ЈКП „Дервен“ интервенирало на отстранување паднато дрво кај Ликовниот салон, додека ЈП „Македонија пат“ интервенирало три пати на автопатот Скопје – Градско поради паднати дрвја и еднаш на локалниот пат Велес – Градско поради одрон и паднато дрво.
Во Општина Кавадарци, ТППЕ Кавадарци интервенирала на патниот правец Кавадарци – Витачево, каде било отстрането паднато дрво од коловозот.
Во Општина Свети Николе, ТППЕ Свети Николе реализирала една интервенција за испумпување атмосферска вода од простории во с. Ерџелија.

Полошки регион

Во Полошкиот регион проблеми се регистрирани само во с. Нераште (Општина Теарце), каде поради обилните врнежи и недоволниот капацитет на каналскиот систем дошло до поплавување на дел од селото кај новата џамија.
Поплавени се неколку куќи и подрумски простории, при што е предизвикана материјална штета. Општинските служби и комуналното претпријатие работат на расчистување и нормализирање на состојбата, а формирана е и комисија за проценка на штетите.