Не може да се расправа за историја на македонскиот народ, таа е завршена приказна, порачаа претставниците на Македонците кои од Белград дојдоа да се поклонат и да положат цвеќе по повод 119 годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Скопје.

На гроб на македонскиот великан во црквата „Свети Спас“ во Скопје денеска цвеќе положија Македонци и почитувачи на делото на Делчев, државни делегации, претставници на политички партии, поранешни функционери и претставници на здруженија.

На гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ цвеќе положи претседателот Стево Пендаровски.

Тој на својот Фејсбук профил објави дека македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи.

-Денеска одбележуваме 119 години од смртта на македонскиот револуционер и визионер #ГоцеДелчев.Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи. Слава му!, напиша Пендаровски.

Собраниската делегација ја предводеше потпретседателот Горан Мисовски, а во нејзин состав беа Марија Георгиевска и Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Делегација на Владата беше предводена од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а во нејзин состав беа министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи. -Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност, се наведува во владиното соопштение.

Претседателката на македонското здружение „Кочо Рацин“ – Белград, Лидија Демниева, посочи дека не може да се расправа за историја на македонскиот народ.

– Тоа е завршена приказна, ние тоа сме го завршиле во 1944 година. Од 1941-1945 сме биле окупирани од фашистичка Бугарија. За оваа Македонија се гинело со векови. Загинале претходно нашите дедовци и прадедовци од Крушевска Република па наваму. Не знам што се случува со нас сите овде. За оваа Македонија АСНОМ-ците треба да ги прашаме, тие што го дадоа животот за Македонија, смета таа.

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, рече дека како Македонци имаме силна обврска да продолжиме по идеалите на Гоце Делчев.

– Нашата обврска како Македонци денеска е многу голема. Во моите бројни партиски патувања низ татковината слушам луѓето биле уплашени, кои за работно место, кој барал работа, кој лиценца за работа. Меѓутоа, сакам да потсетам не му било лесно и на Гоце Делчев. Можел Гоце Делчев да си биде само учител, да си ужива со учителската плата, да не оди во планина, да не биде револуционер, ама ако беше така ќе ја немаше Македонија. Затоа ние денеска силна е нашата обврска да продолжиме по неговите идеали, рече тој.

Револуционерот Гоце Делчев на денешен ден во 1903 го загубил својот живот во селото Баница, на пат кон Сер.