„Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред Парламент и да бара промена на Устав заради промена на уставното име, кажа сегашниот период во една прилика додека беше лидер на опозицијата“, велеше премиерот Заев како опозиционер на СДСМ, додека сеуште не беше на позиција од која може да задира во идентитетот на Македонија и да го отвара Уставот на државата.
Додека даваше изјави дека ќе го заштитува Уставот, идентитетот и националната посебност на Македонија, денеска Зоран Заев на прес-конференција во Владата ги соопшти нацрт-амандманите. Тој рече дека четирите амандмани се едностaвни, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓуанродните стандарди и оти заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и НАТО.
Во 2013 година, од позиција на лидер на опозицијата, Заев не мислеше така. При посетата на Струга, Заев ќе изјави дека „Социјалдемократскиот сојуз нема да дозволи промена на името на Република Македонија, доколку задира во нашиот идентитет и национална посебност“.
– Имиња пред Република Македонија или какви било други формулации се за разгледување, но без притоа да се чепне Уставот на државата, мојот национален јазик, мојата национална посебност, мојата култура како Македонец – изјави тогаш Заев.
Народот му ја памети уште и оваа изјава за наводното решение преку консензус да биде решено македонското прашање.
– Вчера реков став на Владата, односно за Владата прифатливо е име со географска одредница. Тоа го темелам на основа на моите очекувања во внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија, на чекорите што ги правиме, на она што значи можности и до каде може да се движиме, на спроведливоста на можните решенија и слично. Остануваме на ставот дека достоинството и идентитетот се важни работи. Јас сум убеден дека Македонија може со консензус по ова прашање во интерес на иднината на перспективите за НАТО и ЕУ интеграцијата да изнајде решение, рече Заев.
Премиер Зоран Заев, во интервју за германски Дер Шпигел на 26 февруари 2018 година, велеше дека одржливо решение за спорот со името е можно само преку меѓународен договор.
Име со географска одредница без дебати за идентитетот и промена на уставот – изјави тогаш Заев за Шпигел. Предлозите од грчките политичари, за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, за Заев се неприфатливи.
Во интервјуто за овој влијателен политички магазин, премиерот Заев исто така го коментираше барањето на Грција за промена на Уставот. Заев сметаше тогаш дека најдобра гаранција за грчката страна е потпишување договор за надминување на спорот што ќе ја има силата на меѓународните договори.
-Тоа име е наша гордост, наш идентитет. Не гледам причина за менување на Уставот, тоа не би било добро за нашето достоинство. На Грција и требаме како партнери, но не партнери без достоинство. Уставот може да се промени, па потоа таа промена пак да се коригираа, но тоа не е решение. Најважно за Грција е да има гаранција за решението која ќе биде валидна. Тоа е силата на меѓународните договори кој се ратификуваат и така стануваат валидни меѓународно, изјавуваше во тоа време Заев.