Денес сите очи се вперени во Софија, дали денес ќе биде денот кога ќе се фрли последната лопата на Македонија? Впрочем тоа беше и причината за која што оваа ненародна власт беше инсталирана на власт, па останува да видиме дали ќе имаат храброст до крај да го спроведат тоа на кое што се обврзале пред странските сојузници.
Додека Владата интензивно преговара, опозицијата не е информирана за клучните моменти од напредокот во преговорите иако станува збор за прашања од нациоанлен интерес, а народот е збунет од различните изјави кои се пласираат во јавноста околу конечното решение. Изјавите на владините претставници се неконзистентни, Премиерот Заев после средбата со Ципрас во Давос изјави дека следната премиерска средба ќе биде кога ќе биде постигнат договор, за сега да ретерира од својот став и пред поаѓањето во Софија да изјави дека е премногу рано да се очекува такво нешто, додека пак неговиот портпарол изјави дека мисли како оваа средба е исчекор кон конечно решение. Интересен став искажа нашиот НАТО „експерт“ Нано Ружин во гостувањето на ТОП ТЕМА на Телевизија Телма кој вчера кажа како договор е постигнат, а додека пак Реџаил Исмаили од ДУИ во емисијата 200 најави дека Премиерот Заев ке се откаже од евентуален референдум за името и дека прашањето ќе биде решено како меѓународен договор исто како со Бугарија.
Она што најмногу не загрижува сите е решението до кое ќе дојдат преговарачите, затоа што извесно е дека тоа ќе биде многу неповолно за Република Македонија, Грците не отстапуваат од своите црвени линии за име кое ќе биде за „ерга омнес“ употреба што пак повлекува промена на Уставот. Нејасен е оптимизмот на Владата дека ќе добиеме и покана за прием во НАТО на Самитот кој ќе се одржи за отприлика месец дена, дали тоа значи дека веќе ги прифатиле грчките позиции, затоа што е повеќе од јасно дека нема покана додека не се постигне договор за името, во кое се предвидува „ерга омнес“ употреба
И додека ние го очекуваме резултатот од средбата, Премиерката на Велика Британија Тереза Меј денес е во официјална посета на Македонија, веројатно за да слушне од прва рака како поминала денешната средба во Софија и доколку треба да се засили притисокот на послабата страна во спорот.
М-р Мартина Антиќ