– Ќе бидам многу јасен и концизен. Секоја автоимуна болест кај која ќе утвдриме дефицит на витамин Д, може да се сопре со надополнување на овој витамин и доведување на витаминот Д на задоволително ниво и бидејќи така се стопира и таа аберантна (абнормална) ТХ17-реакција. Значи, можеме да ја стопираме. Затоа треба што порано да се реагира, веднаш по утврдувањето, бидејќи автоимуниот процес секојдневно ги уништува органите и ткивата. Тој процес може да биде насочен само кон еден орган, ако тие наши одбранбени сили ја нападнат нервната обвивка и направат дупки – тоа е тогаш мултиплекс склероза, ако ја нападнат штитната жлезда, тогаш тоа е хроничен тироидитис – хашимото, ако го нападнат панкреасот, односно оние Лангерхансови клетки, тоа е дијабетес, ако ги нападнат пигментните клетки, тогаш тоа е витилиго… – вели д-р Душан Живиќ во интервјуто за МИА, со кого разговаравме за улогата на витаминот Д во спречеување на епидемијата на автоимуни болести.
Доктор Живиќ се смета за пионер на современиот спортски нутриционизам во соседна Србија, познат е по нутриционистичката едукација на врвни спортисти. Завршил медицински факултет и специјализирал на катедрата по хигиена кај проф. доктор Миладин Мирилов, некогашен член на извршниот одбор за исхрана на Светската здравствена организација. Отворил Специјалистички центар за болести од неадекватна исхрана „Д-р Живиќ“ и интензивно почнал да се занимава со превенција на кардиоваскуларни болести и работа со исхрана на спортисти. Но во последно време особено се актуелни неговите совети за Д-витаминот и во ова интервјуто за МИА тој зборува за основата на лекувањето со суплементација на Д-витаминот произлезено од неговата пракса во третманот на автоимуните болести и други заболувања.
Докторе, која е основна причина за автоимуните болести и дали според Вас тоа се излечливи болести или хронична состојба?
– Научно докажан факт е дека ниското ниво на витаминот Д предизвикува одредена ТХ17-реакција, која го иницира автоимуниот процес. Значи, создавањето на автоимуниот процес е активиран од ниското ниво на витаминот Д. А што е автоимуниот процес? За да објаснам за пошироката публика, тоа е кога нашиот имунитет, нашите одбранбени сили, кои се тука да нè штитат од надворешниот непријател, се свртуваат патолошки кон сопствениот организам и почнуваат да ги уништуваат сопствените клетки, органи и ткива. Затоа се нарекуваат автоимуни. И научно е докажано дека со ниско ниво на витамин Д тоа се случува. Значи, кај болести во чие лекување ќе утвдриме дека постои ниско ниво на витамин Д, можеме да влијаеме, да го надополниме недостигот и да го сопреме автоимуниот процес.

Д-р Живиќ: Тоа е таа полуактивна форма и неа ја мериме во лабораторија. Но, да ви кажам дека не треба да се плашите
Витаманот Д е особено актуелен во последно време како своевиден спас во многу хронични ситуации. Што можете да ни кажете за него – како го внесуваме во организмот и како е подобро да го добиеме – преку храна и изложеност на сонце или преку таблети?
– Витаминот Д ние го внесуваме како неактивен облик, како провитамин. Морам да кажам дека тој е секостероид, дериват на холестеролот, го има и во животинскиот и во растителниот свет. Значи, ергокалциферол (Д2) доаѓа од растителниот свет, а холекалциферолот (Д3) од животинскиот свет. Не е премногу застапен. Во животинските продукти го има во мрсните риби, како лосос, скуша, харинга, сардина и во рибиното масло. Одредени производи со технолошка обработка се збогатуваат со Д-витамин, на пример, млеко и некои житарици. Значи, природата не била многу дарежлива во однос на овој витамин. Порано тие риби повеќе се јаделе, и млечните производи исто, а денес тоа не е случај. Нашата неадекватна исхрана многу често нè доведува до тој дефицит. Ние го немаме тој провитамин од кој потоа во кожата под влијание на ултравиолетовите сончеви зраци се развива Д-витамин – фреквенцијата на Б-спектарот емитува одреден ултравиолетов спектар, поточно А-спектар и Б-спектар. Овој Б-спектар е задолжен за создавање витамин Д. Според тоа, тука се создава првата полуактивна форма на витаминот Д.
Ве молам, објаснете го тоа за нашите читатели – која е разликата меѓу витамин Д во полуактивна и активна форма?
– Веднаш ќе појаснам – самиот збор витамин значи нешто витално, важно за организмот. Но она што е важно за организмот е дека Д-витаминот потоа се претвора во хормон преку некои хидроксилации, односно хемиски процеси во организмот. Значи, тој, просто кажано, се активира и преминува во хормон, калциферол. Значи, од таа неактивна форма, тој првин добива ОH-група на 25-тата позиција. Тоа е таа полуактивна форма и неа ја мериме во лабораторија. Но, да ви кажам дека не треба да се плашите. Тоа е она што често ги плаши луѓето и докторите воопшто дека таа ќе биде преголема доза на Д-витамин бидејќи, внимавајте, ние кога ќе почнеме со суплементација, дозата е секако повисока од онаа што е препорачана со нормативите на конвенционалната медицина. Но, кај таа полуактивна форма нас нè интересира дејствувањето, перформансите на Д-витаминот. Тоа е како да споредиме чирак и мајстор. Не можеме перформанси да очекуваме од некој чирак, кој е полуактивна форма, бидејќи дури откога ќе се претвори во хормон, тој дејствува на организмот, тогаш им дава сигнал на цревата да го апсорбираат калциумот, што е една од најважните улоги на витаминот Д…
Ќе Ве прекинам, но која е улогата тука на калциумот?
– Да, сега ќе се прашаме зошто ни е потребен тој калциум? Кога спомнувавме дека витаминот Д го стимулира имунитетот, во случајот со автоимуните болести, од каде сега е важен калциумот? Па без калциумот срцето не може да направи контракција. Затоа е многу важно витаминот Д да стане хормон, да се претвори во активна форма. Да ја добие таа друга ОH-група на 25-тата позиција и дури тогаш да стане хормон, а дотогаш е само витамин. Според тоа, неактивната форма во кожата се претвора во полуактивна форма, а дури тогаш оди во бубрезите, каде што продолжува таа хидроксилација и ја добиваме ОН-групата на 25-тата позиција, а вториот дел, другата ОН-група, која ја добива на прво место, односно втората хидроксилација се случува во бубрезите.
Значи, првата хидроксилација се врши во црниот дроб, а втората во бубрезите. Тие биохемиски процеси се доста комплицирани. Но, мораме да знаеме дека витаминот Д треба да се активира и сè додека не се активира, не можеме да го проценуваме неговото дејство. И не треба да се плашиме од суплементација на поголемо ниво на витамин Д затоа што, покрај тоа што е тој полуактивен, неговиот полуживот на траење е краток. Тој е присутен, таа полуактивна форма што се вика калцидол, само 20 дена во организамот и ако ние не се изложиме на сонце повторно, тој ќе се потроши. Постојат негови резерви во масното ткиво бидејќи тој е витамин што е растворен во мастите. Затоа лицата што се дебели имаат помалку витамин Д бидејќи тоа масно ткиво им го краде на некој начин, го апсорбира витаминот Д и кај нив е потребен поголемо внесување на овој витамин. Значи, кажавме која е разликата помеѓу активен и полуактивен Д-витамин бидејќи активната форма им дава импулс на цревата за тие да може да го апсорбираат калциумот.

Д-р Живиќ: По суплементација, тие вредности одат и до 300 и не треба да се плашиме од тоа бидејќи тоа не е онаа форма што може да му наштети на организмот, туку тоа е само одреден материјал за понатамошна работа
Што ако со суплементацијата се отиде на повисоки вредности на Д -итаминот во организмот? Тоа е тоа од што луѓето се плашат.
– Како што реков, се мери таа прва форма, полуактивна, која има ОН-група на 25-тата позиција. Тука постојат разни мерки, некаде е меѓу 20 и 50, а некои сметаат дека е меѓу 30 и 60 нанограми на милилитар. Но, напоменувам, по суплементација, тие вредности одат и до 300 и не треба да се плашиме од тоа бидејќи тоа не е онаа форма што може да му наштети на организмот, туку тоа е само одреден материјал за понатамошна работа. Не треба да се плашите од нешто што пред вашите очи пропаѓа во рок од 20 дена од неговото создавање. Тој се разградува. Така што, тоа е тоа што се однесува до неговото присуство во организмот.
За кои болести колкава доза Д-витамин препорачувате?
– Ќе бидам многу јасен и концизен. Секоја автоимуна болест кај која ќе утврдиме дефицит на витамин Д може да се сопре со надополнување на овој витамин и доведување на витаминот Д на задоволително ниво и бидејќи така се стопира и таа аберантна (абнормална) ТХ17-реакција. Значи, можеме да ја стопираме. Затоа треба што порано да се реагира, веднаш по утврдувањето, бидејќи автоимуниот процес секојдневно ги уништува органите и ткивата. Тој процес може да биде насочен само кон еден орган, ако тие наши одбранбени сили ја нападнат нервната обвивка и направат дупки – тоа е тогаш мултиплекс склероза, ако ја нападнат штитната жлезда, тогаш тоа е хроничен тироидитис – хашимото, ако го нападнат панкреасот, односно оние Лангерхансови клетки, тоа е дијабетес, ако ги нападнат пигментните клетки, тогаш тоа е витилиго… А постојат и таканаречени системски болести, како колагеноза и други, каде што се нападнати повеќе органи и ткива во исто време. Значи, без оглед за кои од овие болести станува збор, може да се реагира со надополнување витамин Д за тој процес да се сопре и сè додека се врши суплементација и се одржува нивото на витаминот Д на завидна граница, процесот е стопиран. Сега зошто велам дека тоа треба навреме да се направи? За штетата направена претходно да биде што помала.
Знаете, некои штети што може да ги направи тој автоимун систем се полесни да се поправат, а некои се помалку лесни. Според тоа, може да останат последици од штетите што дотогаш се направени (некои доживотно, како, на пример, фибрози на белите дробови, н.з.). Се поставува прашањето колку трае таа суплементација, дали е тоа доживотно или не? Морам да кажам една анегдота. Човек што прв тргнал со суплементација и со таканаречени високи дози витамин Д е д-р Цицеро Гали Коимбра (Dr. Cícero Galli Coimbra), кој работел во Бразил, а по кој е именуван и Коимбра-протоколот. Одговарајќи на прашањето на еден американски сенатор за тоа колку долго треба да трае суплеметацијата, тој рекол: – Јас не знам да ви одговорам на ова прашање.

Д-р Живиќ: За преминот од полуактивна во активна форма потребни се одредени витамини и минерали. Потребни се витамин Б2 и магнезиум
Зошто? Како не знаел?
– Затоа што ниедна личност, која била тешко болна, а која сега е добро, не сака да се тестира и да прекине со суплементација за да провери дали е неопходно да го зема тоа цел живот. Тоа е можеби малку комично, но е вистина. Некому кому сега му е добро, ќе продолжи и понатаму со суплементација затоа што тоа е еден од најважните хормони и витамини на човечкиот организам, нешто што организмот сам си го создава. Па зошто тогаш се плашиме? Не станува збор за цитостатици, не се високи дози кортикостероиди, кои може да бидат и штетни. Знаеме од конвенционалната медицина дека тие се во терапијата со витаминот Д. Туку станува збор за нешто што е од првенствено значење. Според тоа, не треба да се плашиме дали нешто што организмот сам си го создава, но во одредени случаи недоволно, ќе мора да го надоместуваме до крајот на животот. Причината е едноставна – затоа што мојот организам можеби е склон, поради сплет на околности, односно има одредена грешка, па е отпорен и послабо го прима овој витамин. Што значи таа отпорност кон примање на витаминот Д, која може да биде на повеќе точки? Зошто ние во организмот не можеме да ја оствариме оваа конечна форма на калцитриол, хормон што влијае стимулативно на органите и ткивата и ја стопира автоимуната реакција?
Пластично кажано, замислете сега да сакаме да бојадисаме две маици. За едната маица ви е доволна една кеса боја, а за другата, која не ја прима бојата, ви требаат пет. Затоа на организмите што имаат таканаречена отпорност кон Д-витамин мора да им се овозможи поголема доза од витаминот и после да им се овозможи таа активација – преминот од полуактивна во активна форма, а затоа се потребни одредени витамини и минерали. Потребни се витамин Б2 и магнезиум зашто тие се важни за енизмите што ги прават овие хемиски процеси, таа хидроксилаза, и тука се потребни витамин Б2 и магнезиум. Во текот на историјата познати се извесни личности од Италија и од други места што имале проблем со апсорпција на витамин Б2 и кај тие личности, во време кога постоела маларија како болест, од која се умирало, тие полесно ја преживувале маларијата. Така, по природен пат, по некоја природна селекција, се намножила популацијата со ниско ниво на витамин Б2. Кај тие личности со ваков недостиг потоа се јавува проблем на активација на витаминот Д бидејќи не може да го претворат во конечна форма и тие така влегуваат во дефицитарна група со витамин Д и тука се отвора можност за настанување на автоимуните болести и на сè она што е последица од недостиг на витамин Д. Според тоа, витаминот Б2 и магнезиумот на некој начин ги нарекуваме активатори.
Како се поврзани витаминот Д и тироидната жлезда?
– Јас би се вратил на приказната за причината на тој автоимун процес во кој поради ниското ниво на Д-витамин, се напаѓаат разни ткива. Па веќе споменав, ако ја нападне штитната жлезда, тогаш ќе направи хроничен тироидитис или хашимото. Но многу поважна е врската меѓу витаминот Д и параштитната жлезда. Зошто? Сега ќе објаснам. Параштитната жлезда лачи еден хормон, кој се вика паратироиден хормон. И таа варијанта е нешто што функционира и му помага на организмот. Внимавајте, кажав, замислете дека организмот има отпорност кон Д -итаминот и цревата не може да го апсорбираат калциумот поради тоа. На организмот му недостига калциум, не само на коските, зглобовите, мускулите, ноктите и на косата, туку и на срцето. Треба да се обезбеди калциум. Како? Па овој компјутер (нашиот мозок), кој ги направил сите компјутери во светот, знае, има резервна бекап-варијанта, има автокорекција, значи како да се поправи сам од себе. Па тоа е на основа на самите нас смислено. Тој го лачи паратироидниот хормон. Паратироидната жлезда го лачи паратироидниот хормон, кој доаѓа од коските, зглобовите, мускулите и од сите структури што го содржат калциумот, го краде калциумот за да му го обезбеди на срцето зашто ако срцето не работи, нема живот. Ако вие имате слаби коски, ќе слабеете, но ќе живеете. Значи, од примарна важност е да му се обезбеди калциум на срцето и паратироидниот хормон тогаш го краде и прави остеопороза, остеопенија и сè друго.

Д-р Живиќ: Ако автоимуниот процес ја нападне штитната жлезда, тогаш ќе направи хроничен тироидитис или хашимото. Но многу поважна е врската меѓу витаминот Д и параштитната жлезда
Тоа е значи врската меѓу паратироидната жлезда и овој витамин, тоа е тој систем. Затоа тоа ниво на паратироиден хормон ни зборува за ефектот и делотворноста на Д-витаминот. Значи, ако Д-витаминот ја врши својата работа, им овозможува на цревата да го апсорбираат калциумот, не треба помошници. Но ако го нема или не е доволно активен, недостига, имаме проблем со Д-витаминот, а мораме да набавиме калциум, тогаш организмот лачи, оди на резервна варијанта, го лачи паратироидниот хормон и тогаш овој хормон е зголемен. Тие граници што се дадени од 15 до 65 итн. не се релевантни, таа горна граница нам не ни е воопшто битна. Паратироидниот хормон мора да биде на долна граница, значи тој мора да е мирен, нема тој што да прави, не е потребно да се лачат поголеми дози паратироиден хормон ако Д-витаминот си ја работи својата работа. Калциумот ќе се апсорбира од храната, нема потреба да се краде од коските и зглобовите, нема потреба да се зголемува нивото на паратироидниот хормон. Значи, овој хормон нам ни е мерило за ефикасноста на Д-витаминот, а не неактивната форма на Д-витаминот со една ОН-група со која се заплашуваат луѓето.
Таа неактивна форма нема ефект и не може да направи зло, дури кога ќе стане хормон и ќе ја добие другата ОН-група и ќе дојде на прва позиција, дури тогаш ја отвора можноста за апсорпција на калциумот и го стимулира имунолошкиот систем, ја спречува ТХ17-реакцијата, го стопира автоимуниот процес. Според тоа, ова се некои работи што луѓето треба да ги знаат. Многу има дезинформации, за многу работи сме заборавиле, некои работи се промениле итн. рш/дј
Продолжува утре




