Д-р Новица ВЕЛЈАНОВСКИ

Со неодамнешните изјави на актуелниот советникот за надворешна политика на претседателот, прв министер за надворешни на Р. Македонија, Денко Малески, веројатно по барање на надлежните, излета како пробен балон за да се види како ќе биде примено она што Бугарија го бара во хартијата за продолжувањето на преговорите за приемот на Македонија во ЕУ.

Го жртвуваше својот авторитет пред македонската јавност, делумно и поради непознавањето на фактите, но секако и поради својата еквилибристиката по која, и досега и е познат на јавноста.

Станува збор за Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Р. Македонија и последиците од него. И кога се склучуваше тој Договор беше јасно, а имаше и укажувања, дека Договорот и става тежок товар на Комисијата од научни работници, кои и од едната и од другата страна требаше да се прават “на удрени” и да голтнат нешто што не може да се голтне, а беше наталожено со години.

Независно од тоа поради какви било “виши” интереси, очигледно беше дека таа Комисија нема да успее или ако успее, тоа нема да биде без последици. Грешка е и на тие научници што прифатија да бидат членови на една такава комисија. И тие требаше да ја знаат целта поради која се поставени таму.
Но, најнапред нешто и за нејзиниот состав или поточно за самата претседателската функција. Од бугарската страна Комисијата ја води дипломатот Ангел Димитров, поранешен амбасадор во Р. Македонија и во Р. Србија кому историјата не му е главна туку споредна струка. Откако отиде во пензија по долгогодишната дипломатска служба си најде свое “ухлебие” и можност за подобрување на сопствениот дипломатски рејтинг и продолжено влијание, веројатно сметајќи дека “вистината” е целосно на бугарска страна, па лесно ќе се отстранат очекуваните недоразбирања.

Од македонската страна Комисијата ја води Драги Ѓоргиев, директор на ИНИ, долгогодишен соработник на Агенцијата за разузнавање и дописен член на МАНУ. Неговите предлагачи за дописен член на МАНУ, редовни членови на МАНУ, беа двајцата починати академици, “врвни” научници и докажани соработници на тајните служби, кои го знаеја тоа, а од него, како директор на ИНИ, очекуваа да им врати со некои кадровски отстапки. Како дописен член на МАНУ и како директор на ИНИ, за претседател на спомнуваната Комисија, сега веќе очекувано го препорача академското звање, но пред се, неговата блискост со актуелната власт, а не некои особени достигнувања во науката.
Вакво минато на претседателите и целата Комисија ја направи без кредибилитет. Нејзините членови од двете страни, со актуелните претседатели, меѓусебно не се прифатија како експерти во историската наука туку со потценување како соработници на тајните служби, како поданици на владеачките гарнитури во двете земји, а не како научни авторитети. Освен
тоа јасно беше дека секој од нив мора да настапува од позициите на актуелната власт, а не од експертските позиции во сопствената наука, па, колку што мене ми е познато, недоразбирањата беа чести. И она што беше договорено и прифатено беше направено без воља, со сила на притисоците од надвор и приликите во самата Комисија.
Министрите за надворешни работи на двете земји требаше да знаат дека, Комисијата, која, за последниве педесет години, е четврта или петта по ред, може да ја доживее истата судбина како и претходните. Бугарија се надеваше дека ќе ги исправи историските “неправди” од Балканските војни, од Прватата и од Втората светска војна и “неправдите” од АСНОМ, кое за
бугарската страна, “се конституирало на антибугарска основа”, или, како што го обвинуваат Тито со неговото и комунистичкото аминување.

Не ретко од обичните луѓе во Бугарија, можеше да се слушне задоволство, со искажувања, дека “со Заев како премиер успеавме да си ја повратиме Македонија”.
Но, да се навратиме малку на клучните историски настани во последниве сто години. Уште за време на Првата балканска војна во 1912 година, која се случи поради Македонија, бугарската држава, со ветувањата на големите сили, беше ориентирана кон југоисток.
“Македонските чукари” воопшто не ја интересираа. На бугарскиот цар Фердинанд во Бугарија му се подготвуваше седло со кое, на бел коњ, на чело на бугарската армија, требаше да влезе во Истанбул како победник.
Добро ама дволичноста и лицемерноста на големите сили не го дозволи тоа.
Обидот на генералот Савов, со нападот на Србија да ги освои веќе освоените територии од нејзина страна на југ по долината на Вардар, ја предизвика Втората балканска војна и како епилогот од истата со Букурешкиот мировен договор 1913 г. Бугарија доби најмала територија од сојузниците во војните. Тој епилог и таа “неправда” беше примена како трагедија за Бугарија. И во Првата и во Втората светска војна Бугарија се обиде да ја исправи таа “неправда”, со армии влегуваше во Македонија, како окупатор, со што го навле~е гневот на македонското население. На обичното население не може да му се објасни зошто бугарските “браќа” не напаѓаат и не поробуваат кога не сметаат за Бугари.
Армиите ја напуштаа Македонија, поразени, но омразата кон Бугарите како окупатори не е избришана и до денес.
Во историографска, но и во политичка смисла, секоја од балканските држави си ја задржа својата “вистина” и за Балканските и за светските војни.
Затоа, Бугарија, повикувајќи се на таа своја вистина, никогаш не го призна постоењето на македонската нација, јазикот и историјата. Бугарија прва ја призна Р. Македонија по распадот на СФРЈ во 1991 година, но никогаш и нацијата, јазикот и историјата. Тоа, и тогаш, будеше сомнеж за бугарските искрени намери. Од 1945 година наваму во функција на градење на
добрососедски односи, кои редовно се одвиваа “топло-ладно” лидерите на распадната СФРЈ Тито и на НРБ Тодор Живков неколкупати констатираа дека поради нерешеното македонско прашање не се развиваат доволно добро економските односи на двете соседни држави.

Двајцата најдоа решение, на двапати, да се формираат комисии од историчари, кои требаше да предложат форми за соработка во научната и образовната дејност. Како што се формираа, така и премолчано не покажаа никаков резултат. Тито и Живков
дојдоа до заклучок дека е најдобро историчарите да се остават и да не им се меша политиката и партијата во нивната работа, а да се развиваат економските односи.

Заедничка комисија формираа и владите на Љупчо Георгиевски и Иван Костов, и владата во мандатот на Бранко Црвенковски.
Последнава барем објави заеднички усогласена оригинална историска документација, од архивските извори, која и денес постои и се користи во училиштата.
Без оглед на неуспешните епизоди со комисиите, соработка меѓу историчрите од Р. Бугарија и од Р. Македонија, по 1991 година, имаше и таа не беше за потценување. Иако, главно, историчарите си остануваа на своите позиции имаше и почит и пријателство. Науката се базираше на изворите, но немаше такви непријателствтва кои ги донесе Договорот за добрососедство и пријателство од Димитров и Захариева.
Треба да се напомне дека понекогош од двете страни се јавуваше и по некое суетно однесување, кое не ја загрозуваше
соработката и јакнењето на пријателството меѓу народите. Ќе посочиме еден пример.
Во 2000 година Институтот за национална историја објави научен труд “Македонски историски речник” во кој беа вградени дотогаш познатите научни достигнувања. При неговото подготвување зазедовме став да се настојува во формулациите да и ги приближиме на објективната научна мисла и во двете земји како придонес кон градењето на потребното добрососедство. Над 40 автори и редакцијата од седум автори на колективни седници ги разгледуваа и ги усвоија двете илјади одредници. Но, по обичај, во Р. Македонија, по инерција во односите кон Бугарија, ова издание беше дочекано “на нож”. На некои им заличи на “пробугарско”. Прво МАНУ, особено акад. Блаже Ристовски, за подготовката на неговата Македонска енциклопедија во два тома, која веднаш по објавувањето, поради неквалитет беше забранета и повлечена, отиде и подалеку па дури и забрани
ова издание како “пробугарско” да се користи и како извор што беше своевиден нонсенс во науката(!). Некои дури напишаа дека со македонски пари Институтот направил “бугарски” историски речник. Тогаш професорот Атанас Вангелов ја предводеше кампањата преку “Утрински весник”, иако денес и тој од сенка упатува некои поуки за грешки во актуелниов миг.
Дека ова издание не беше во функција на бугарската кауза како што бевме обвинувани, доволно зборува следнава одредница за Гоце Делчев, во моментов најспорната историска ли~ност:

“Делчев, Георги – Гоце, (Кукуш, 4. февруари 1872 – с. Баница, Серско, 4. мај 1903), апостол и организатор на македонското револуционерно ослободително движење од крајот на 19 и во почетокот на 20 век, учител, војвода, најзначаен
раководител на ВМРО, главен инспектор на четите на организацијата и на револуционерните окрузи…” ( Ова е дефницијата на одредницата, а понатаму се изнесуват фактографски податоци за Г. Делчев – стр. 150-151).

Од бугарска страна не беше демонстрирано некое незадовослтво или некоја почувствителна реакција, ниту за оваа, ниту за некои од другите содржини (Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски, Мисирков и др.) туку, напротив, беше оценувано како чекор напред во македонската историографија.
Чуден е односот на двајцата министри на министерства за надворешни работи, особено на ноншалантниот Никола Димитров, кој не може да излезе од оваа каша. Видливо е дека тие не ги познавале доволно проблемите во историографијата и сакале да трасираат пат кој никој нема да го прифати. Можеби на некои им било јасно дека Комисијата, од споменатите причини, нема да постигне научна согласност за многу прашања и ќе претставува добар повод за блокирање на евроинтеграциите. Повеќе за
верување е дека има одредени намери да се бара нешто невозможно и упатување на некој друг да го решава Гордиевиот јазол, а такви се најдоа како во примерот со Грција.
Очигледно дека таков договор и таква Комисија во градењето на довербата меѓу двете држави воопшто не биле потребни. Тој ја разбранува јавноста и наместо пријателство создаде нови непријателства. Солуцијата беше да се препушти слобода на творештвото, како на Запад. Кој вели дека Франција и Германија или Германија и Британија имаат договор за еднакво
толкување на минатото? Својата историја секоја земја си ја толкува на свој начин. Затоа е таа слобода на творештвото. Тој што чита нека верува или не верува во она што е напишано. И во религијата сите не веруваат подеднакво.
Но уште еднаш се покажа дека Балканот не е Запад.
Д-р Новица Вељановски