Д-р Мимоза РАЈЛ

Синтеза на глобалниот социјализам и македонскиот револуционерен дух – Први мај не е само уште еден датум во националниот календар тој е симбол на борбата за човековото достоинство
Први мај, Меѓународниот ден на трудот, претставува еден од најдлабоките симболи на модерната историја, ден кога човештвото не го слави само трудот како егзистенцијалистичка категорија, туку како суштинска вредност на човековото достоинство, слобода и колективна борба, најзначајните постулати на изворната социјалистичка идеја за братство, единство и слобода. Овој празник е историски, идеолошки и културолошки втемелен во глобалната работничка борба против суровата експлоатација, но во македонскиот контекст добива и дополнителна национално-ослободителна димензија. Во неговото јадро лежи вечниот повик на една нова класна идеологија: „Пролетери од сите земји, обединете се!“, слоган кој станува универзален симбол на меѓународната солидарност, но и национален патоказ за Македонецот во неговата борба за социјална правда и национална слобода.
Историските корени на Први мај се нераскинливо поврзани со настаните во Чикаго во 1886 година, познати како Хејмаркетската афера. Илјадници американски работници излегле на улиците барајќи осумчасовен работен ден, формулиран преку револуционерниот принцип „8-8-8“: осум часа работа, осум часа одмор и осум часа културно издигнување. Ова барање не било само економски протест, туку радикална борба за човеково креативно време, достоинство и духовен развој, укажувајќи дека човекот е и хомо креатус – човек на креативните, уметнички сили а не роб за експолоатација на другиот човек. Во “Елегии за тебе” Коста Солев Рацин прашува: ” Кој ни ги скрши нашите крилја, крилја на галеби бели и кој раздвои човек од човека со гроб, та човек да тегне и страда и бега од лулка до гроб” одразувајќи ја самата суштина на изворното социјалистичко движење дека сите сме еднакви под ова сонце, дека сите заслужуваме еднакви можности и достоинствен живот.
Крвавото задушување на протестите, судските прогони и бесилките на Хејмаркетските маченици го претвориле Први мај во симбол на жртвата на работничката класа ширум светот. За социјалистичката мисла, Хејмаркет претставувал „крваво крштевање“ на модерното работничко движење, доказ дека капиталот се брани на секаков можен начин, но и дека слободата бара организирана борба и дека отпорот за промена на старата парадигма на крајот ќе биде крвав.
Во Македонија, оваа глобална искра била пренесена и адаптирана преку делото на Васил Главинов — основоположникот на македонското социјалистичко движење. Главинов уште во 1893 година ја формирал Македонската работничка социјалистичка група, а преку работничките читалишта, особено во Велес, започнал систематско ширење на социјалистичката свест меѓу занаетчиите, работниците и интелигенцијата. За него, борбата на македонскиот работник не била само егзистенцијалистичка, туку пред се социјална и национална. Под османлискиот апсолутизам и во услови на рана капиталистичка експлоатација, македонскиот работник имал двојно тешка задача – истовремено да се бори за достоинствена работа и за национално вреднување.
Особено значајна улога во ова будење одиграл весникот „Работничка искра“, основан во 1909 година. Овој медиум не бил само информативно гласило, туку револуционерен инструмент за политичко и класно просветување. Преку неговите страници, македонскиот работник за првпат систематски се запознавал со идеите за класна борба, зголемена вредност, капиталистичка експлоатација и пролетерска солидарност. „Работничка искра“ ги поврзувала Хејмаркетските маченици со македонскиот револуционерен контекст, претставувајќи го Први мај како ден кога македонскиот народ станува дел од светската борба за правда. Токму преку оваа „Искра“ се организирале и првите јавни првомајски прослави во Скопје, Битола и Куманово.
Македонските социјалисти дефинитивно ќе ја синтетизирааат класната борба со националната кауза во едно единствено, нај македонско мото “Смрт или Слобода”. За нив, не постоела слободна Македонија без слободен работник, ниту пак економска правда без политичка автономија. Оваа идеја се развивала во насока на визија за автономна Македонија како дел од поширока Балканска социјалистичка федерација. Први мај така станал празник не само на трудот, туку и на македонското достоинство.
Во културната сфера, оваа социјалистичка идеја нашла моќен израз во делото на Кочо Рацин, чија поезија ја велича маката, страдањето, но и силата на аргатството каде работникот “за туѓи бели дворови самиот си копа црни гробови”. Неговите стихови за тутуноберачите, копачите и обесправените претставуваат литературно ноктурно на првомајската идеологија — трудот како болка и како смрт (зошто ли Ленка остави кошула тенка ленена, за кого ли беше даровна), но и како творечка револуционерна сила. Песните, „Интернационала“, црвените каранфили и револуционерната симболика станале културни алатки за масовна мобилизација.
Во периодот на социјалистичка Југославија, Први мај доживеал институционален триумф. Од ден на протест, тој се трансформирал во централен државен празник. Во Македонија, масовните паради, слетови, индустриски манифестации ја славеле победата на трудот, самоуправувањето и социјалистичката модернизација. Работникот бил претставен како господар на производството, како клучен градител на државата, индустријата и општеството. Црвеното знаме, песните и колективните прослави станале симбол на братството, единството и историскиот триумф на трудот над експлоатацијата.
Од Хејмаркет до Велес, од „Работничка искра“ до скопските паради, Први мај и денес останува симбол на човечката борба за слобода. Затоа, Први мај не е само празник — тој е аманет. Аманет дека трудот, правдата и солидарноста остануваат темели на секое достоинствено општество како што е нашето, како што се заложбите на Социјалистичката партија на Македонија единствениот идеолошки наследник на тоа време.




