Во организација на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Тга за Југ„ и здруженијата од Скопје, Велес, Штип, Свети Николе, Радовиш, Струмица и Битола, од источноевропските земји и дијаспората денеска ќе се одржи народен собир по повод одбележување 70-години од завршувањето на Граѓанската војна 1949 – 2019 година.

Собирот се организира под мотото „Да не го заборавиме минатото, но да се стремиме кон подобра иднина“. Во рамки на одбележувањето ќе има изложба на фотографии „70 години граѓанска војна“ и промоција на ЦД со песни од Егејот.

На собирот обраќања ќе имаат претседателот на здружението „Тга за југ“, Евгенија Николовска и градоначалникот на Петровец Борче Милевски. За граѓанската војна ќе зборува Ѓеорги Ајановски.