Шефот на дипломатијата и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ денеска изјави дека изборите што за на пролет следната година (април, мај) ги најави српскиот претседател Александар Вучиќ треба да бидат редовни, и дека нема причина да се распишуваат вонредни избори, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за телевизија Пинк изјави дека овонеделното гласање во Собранието покажале дека нема криза на власта и дека затоа нема потреба од вонредни избори.

Тој додаде дека тоа го покажува и бројот на гласови за изборот на Славица Ѓукиќ Дејановиќ за министер за образование, бидејќи, како што наведе, криза настанува кога нема доволно гласови во функционирањето на парламентот.

Дачиќ порача дека институциите треба да работат во полн мандат и дека тоа е одраз на стабилноста на општеството.

– Дали ќе има и други избори покрај локалните и покраинските, тоа е прашање на одлука на Српската напредна странка (СНС), рече Дачиќ.

За санкциите што Соединетите Американски Држави ги воведоа на првиот човек на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, рече дека се побарани докази против него, дека не пристигнале и дека е сигурен дека нема докази против Вулин.