Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска е во посета на Москва на покана на неговиот руски колега Сергеј Лавров.

– Дачиќ и Лавров ќе разговараат за широк спектар прашања од политичката и економската соработка помеѓу Србија и Русија, за косовското прашање, ситуацијата на Балканот и актуелните политички проблеми, соопшти руското МНР.

Во соопштението од српското МНР се наведува дека Дачиќ е во Москва по повод денешниот пријателски натпревар на фудбалските репрезентации помеѓу Србија и Русија.

Дачиќ и Лавров последен пат се сретнаа во септември минатата година, на маргините на Генералното собрание на Обединети нации во Њујорк. Пред три недели се сретнаа на дипломатски форум во Анталија, Турција, но не одржаа средба.

Србија е првата европска земја чија фудбалска репрезентација ќе игра во Русија од почетокот на инвазијата на таа земја врз Украина во февруари 2022 година. Оттогаш Русија одигра пријателски фудбалски натпревари против десетина репрезентации, главно од Азија и Африка.

Поради инвазијата на Украина, руските сениорски репрезентации и фудбалски клубови, машки и женски, се суспендирани од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и Европската фудбалска унија (УЕФА).

Србија сè уште одбива да се приклучи на санкциите што Европска Унија ги воведе кон Москва поради нејзината инвазија врз Украина. Белград смета на поддршката од Русија во меѓународните организации и институции кога е во прашање почитувањето на територијалниот интегритет, односно непризнавањето на независноста на Косово. Русија неделава побара да се одржи седница на Советот за безбедност на ОН на 25 март по повод 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија. Сè уште не се знае дали ќе се одржи седницата.

Заедно со белорускиот лидер Александар Лукашенко, српскиот претседател Александар Вучиќ беше единствениот европски шеф на држава или влада кој му ја честиташе победата на рускиот претседател Владимир Путин на минатонеделните избори.

фото: МИА архива