Данска од учебната 2027/2028 година ќе воведе забрана за користење мобилни телефони во училиштата на целата територија на земјата, соопшти денеска данската влада.

Договорот, постигнат меѓу Владата на Кралството Данска, Црвено-зелената алијанса и партијата Алтернатива, ќе ги опфати основните училишта, повисоките одделенија до крајот на десетто одделение, како и активностите по завршувањето на наставата, се наведува во соопштението на Министерството за образование.

Според договорот, мобилните телефони и другите електронски уреди во приватна сопственост со пристап до интернет ќе бидат забранети за време на наставата и одморите во државните училишта, општинските меѓународни училишта, училиштата за млади и училиштата за продолжено образование.

Ограничувањата ќе важат и во установите за активности по наставата, вклучително и во училишните програми за слободно време и младинските клубови, за деца и млади до десетто одделение.

– Децата треба да можат да одат во училиште без постојано да им го одвлекуваат вниманието, на пример, социјалните мрежи, онлајн купувањето и видеоигрите. Треба да можат да се концентрираат на часовите, целосно да се посветат на некоја задача и да поминуваат време со своите соученици – изјави министерот за образование Магнус Хојнике.

Покрај забраната за мобилни телефони, договорот предвидува и задолжително воведување филтри за содржини на училишните мрежи, со цел блокирање веб-страници за кои ќе се процени дека немаат образовна или педагошка вредност.

Филтрите ќе го ограничуваат пристапот до социјалните мрежи, страниците за видеоигри и онлајн продавниците за време на наставата.

Владата планира да го достави законскиот предлог во претстојната парламентарна сесија, а забраната за мобилни телефони треба да стапи во сила со почетокот на учебната 2027/2028 година.

МИА