Дарко РУСЕВСКИ

Во саботата се одржа предавање на тема: дислексија и дисортографија од логопедски аспект во организација на здружението за дислексија „Ајнштајн“. Возбудлива и интересна тема. Предавачот, долгогодишен професор со триесетгодишно работно искуство, д-р сци. Силвана Филипова. Ова писание немаше да заврши во ДЕНЕШЕН доколку не прочитав неколку дена претходно еден пост: неколку професори наградени од министерката за образование. Секоја чест за професорите, можеби се избориле за подобрување на квалитетот на наставата, можеби не, профилот на сите нив беше тоа што се членови на СДС. Веднаш ми стана сомнително. Дали добиле награди поради квалитет или поради себепромоција и партиска послушност? Околностите под кои беше сето тоа направено се сомнителни. Првин немаше критериум по кој токму тие професори се одбрани за најдобри. Второ немаше ниту една анкета по која Мистерството за образование се повикува да прогласи најдобар професор во соодветната струка.

Тогаш, како се одбрани?

Ајде, еве, не мора да гледаме по партиска основа, можеби се навистина квалитетни личности. Но, додека не постојат параметри по кои се одбрани за најдобри тие професори, се остава простор за сомнеж.

Еве ја втората поента од ова писание, а е поврзана со погоре споменатото предавање: ефективноста на наставата во образованието. Според истражувањата во логопедијата се констатира дека наставата е ефикасна само на 15 отсто од учениците според профилот на доминантност, гледан од аспектот на начинот на предавање, додека за 52 отсто од вкупниот број на ученици воопшто не е соодветен.

Имајќи ги овие факти изнесени на предавањето и во научните опсервации имав едно прашање па потоа се додадоа сами од себе уште многу: на кого овие успешни професори предавале? Зошто не се земат во предвид мислењата на логопедите и дефектолозите во соработа со педагошката и психолошката служба при креирање на наставен план или специјални програми за поинтелигентните и за учениците со посебни невролошки состојби (дислексија, дисортографија, дискалкулија и сл.), што на професорите им значи мултисензорниот пристап во наставата и дали го практикуваат? И редица други.

Да не должам многу. Сега се спрема вработување на голем број административни работници, што од македонска, што од албанска националност. Се надевам, дека за разлика од претходните вработувања што се направија, со овие сега ќе се вработат голем број на логопеди, дефектолози, лекари со цел да се подобри квалитетот на јавните услуги за кои плаќаме сите ние во Македонија преку данок и наставата ќе се ориентира кон опфаќање на колку што е можно поголем процент на ученици кои ќе видат бенефит од наставата по било кој предмет. Дали некогаш ќе ги пресметаме финансиските загуби од ваквиот начин на предавање? Верувајте дека доколку се направи и се земат во предвид годините по независноста, голема ќе биде бројката, во најмала рака седмоцифрена, изразена во евра.