Подготвил: Дарко Јаневски

Ова е првиот дел од дебатата меѓу двајца врвни светски експерти за Библијата. Прашањето за кое дискутираат е дали постои Бог и, ако постои, зошто тогаш во светот создаден од него, има повеќе страдања отколку добри нешта.

Д-р Динеш Д’Соуза, роден во Бомбај, поранешен претседател на Кралскиот колеџ во Њујорк, поранешен политички аналитичар во Белата куќа, автор на бројни бестелер книги на Њујорк Тајмс, коментатор на Си-Ен-Ен и Фокс Њуз, политички ангажиран во времето на Роналд Реган, автор на неколку документарни филмови. Според њујоршки Тајмс, еден од највлијателните конзервативни политички аналитичари…

Динеш Д’Соуза

Д-р Барт Ерман, професор по религиски студии на Универзитетот во Северна Каролина. Автор на десетици книги за Новиот завет и раното христијанство, автор и уредник на бројни книги, од кои некои се на листата на првите пет бестселери на Њујорк Тајмс (на пример, „Исус тоа не го кажа“ – научна студија трнсфорирана во приказна за тоа кој ја менувал Библијата и како) и еден од најпризнатите научници кога станува збор за Новиот завет, неодамна поканет од грчката Влада (и платен за тоа) да држи предавања на оваа тема, со посебен нагласок на историскиот Исус, христијанските апокрифи итн. Себеси се претставува како човек кој го минал патот од „христијански фундаменталист до скептик кој не верува во Бог од Библијата.

Барт Ерман

Дебатата одржана пред неколку години почнува со излагањето на д-р Ерман. Во неколку продолженија ќе ви ги пренесеме и излагањата на Д’Соуза како и прашањата кои меѓусебе си ги поставуваат и нивните одговори.

БАРТ ЕРМАН: Ги започнав моите студии по Новиот завет и по теологија и како човек кој е посветен христијанин и кој верува во евангелската традиција. Тоа убедување го имав во текот на многу години. Но, со изминување на времето, моите погледи се променија, како што ќе чуете, и сакам да ви  ја предадам смислата на тоа зошто тоа се случи, односно што се случи со мене и со моите погледи во текот на времето.

За време на еден семестар, додека предавав, бев замолен од студентите да го објаснам проблемот на страдањето во библиската традиција, односно што вели Библијата за тоа – зошто постои страдањето. Технички, терминот доаѓа од зборот „тheodicy“. Овој збор, пак, доаѓа од два грчки збора кои значат „Божја правда“, односно дали и како Бог може да биде праведен. Накратко, како може Бог да го создал светот во кој има толку многу мизерија, страдање. Ако Бог контролира се, ако Бог е семоќен, ако Бог е љубов, тогаш зошто има страдање? Ова се случи во осумдесетите години од минатиот век и, да бидам искрен, имав проблем да ги убедам студентите дека постои проблем со страдањето. Тие беа добри студенти, но едноставно, многу од нив не се свесни за тоа колку голем е проблемот. Ова се случуваше во текот на големета криза во Етиопија со гладот и една од работите што тогаш ги правев беше да им носам на студентите исечоци од весници со фотографии и текстови, меѓу нив и фотографија на една жена која беше изгладнета до смрт, со дете на нејзината града за кое нема млеко и исто така беше прегладнето до смрт. Поентата беше дека им го покажав тоа на студентите и ги прашав како тоа може да се објасни ако постои Бог кој е одговорен за овој свет. Студентите не беа толку заинтересирани за филозофскиот аспект на проблемот, туку ги интересираше што Библијата вели за тоа.

Проучувајќи ја Библијата, дојдов до две главни поенти кои се битни и интересни за вечерашната дебата.

Првата поента е дека Библијата има многу што да каже за страдањето, но проблемот е што различни автори на делови од Библијата се судираат меѓу себе.

На пример во Стариот завет, пророкот Исаија, страница по страница во неговите пророштва, вели дека причината за тоа што луѓето, кои нели се создадени од Бога, страдаат треба да се бара во фактот дека Бог ги казнува за нивните гревови. Тие прават лоши нешта и затоа Бог им „фрла“ толку многу мизерија. Глад, суша, епидемии, воени катастрофи, Бог им го прави тоа на своите луѓе обидувајќи се да ги врати на вистинскиот пат.

Но, Книгата на Јов не се согласува со тоа. Според Книгата на Јов, луѓето кои го прават тоа што Бог го сака, се луѓе кои понекогаш страдаат. Значи, страдаат невините, страдаат тие кои го почитуваат Бога и го прават тоа што тој го заповеда. Невините страдаат, иако пророците велат дека ако му се вратиш на Бога, страдањето ќе биде ублажено, односно ќе го снема. Наспроти тоа, Јов вели дека луѓето кои се блиски до Бог се луѓе кои ќе искусат голема беда. Невините, не виновните, се тие кои ќе страдаат и Бог го дозволува тоа иако може да го сопре.

Книгата на Даниел, Откровението на Јован од Новиот завет, исто така се спротивни на пророците. Даниел и Откровението велат дека Бог не е тој што го предизвикува проблемот со страдањето, туку силите на злото и тоа не е насочено кон луѓето кои се виновни, кои сториле нешто лошо, туку тоа е насочено кон невините.

Книгата со мудрите изреки, пак, се спротивставува на се што досега кажав. Според оваа книга, ниту Бог, ниту силите на злото го предизвикуваат страдањето, туку универзумот е креиран на таков начин што праведните се наградени, а тие што прават гревови страдаат. Но, тоа е во контрадикција со тоа што Јов го вели дека невините страдаат, а Јов е контрадикторен во однос на пророците дека Бог казнува и дека ги казнува само виновните, а тие што се добри се наградени.

Оттука, првата поента која се наметнува од проучување на страдањето во Библијата  е дека различни библиски автори се побиваат еден со друг.

Втората поента е дека Библијата не го разгледува страдањето така како што многумина луѓе денес тоа го прават и се обидуваат да си објаснат зошто страдањето постои.

Од друга страна, ако ве прашам зошто постои страдањето, многумина ќе кажат дека тоа постои заради „слободната волја“ на луѓето (тезата е дека Бог им дал на луѓето слободна волја, и потоа, согласно нивната волја, ги оставил да прават  и добро и зло, н.з.). Ова го нарекувам „робот објаснување“ и работите со ова објаснување одат отприлика вака: Ако Бог одлучил да немаме слободна волја, сите ќе бидеме програмирани како роботи и не ќе можеме да правиме што сакаме, туку ќе го правиме тоа за што сме програмирани. Ако сме програмирани да правиме само добро, се разбира, нема да има страдање бидејќи нема да с еповбредуваме еден со друг. Фактот што имаме слободна волја покажува дека не сме роботи и затоа можеме да си чиниме зло еден на друг. Библијата не го содржи робот објаснувањето. Делумно затоа што во Библијата нема роботи, а делумно зашто Библијата има други објаснувања за тоа зошто постои страдањето. Во Билијата има посочувања дека луѓето можат да се повредуваат, но како што го проучував овој проблем со студентите, сфатив дека „робот објаснувањето“ за слободната волја има проблеми. Еден од проблемите е што тоа не дава комплетно објаснување за страдањето. Сите се сеќаваме на цунамито што уби 300.000 луѓе. Чија слободна волја го предизвика тоа? Или земјотресот во Хаити кој уби 230.000 луѓе? Чија слободна волја го предизвика тоа? Проблемот со слободнагта волја е дека не ги објаснува страдањата од природни несреќи Уште повеќе, мислам дека слободната волја има и филозофски проблеми. Повеќето од луѓето кои ги познавам се сметаат за христијани и ја прифаќаат тезата за „слободната волја“ како извор на страдањето. Но тоа се луѓе кои мислат дека кога ќе умрат, ќе одат во рајот. Тие исто така веруваат дека во рајот нема страдање. Оттука, некој би можел да праша, дали во рајот има слободна волја? Ако во рајот постои слободната волја, но нема страдање, тогаш може да се замисли дека може да има свет во кој постои слободна волја и истовремено да нема страдање. Зошто тогаш ние го немаме тој свет со слободна волја, а без страдање?

Очигледно работите не се поставени на тој начин и слободната волја не го објаснува проблемот. Уште повеќе, теоријата за слободна волја не го објаснува тоа што јас го нарекувам теолошки проблем во врска со страдањето. Теолошкиот проблем со страдњето е многу едноставен: ако Бог е семоќен, тој може да прави се што сака. Ако Бог е љубов, тогаш тој не би требало да дозволи луѓето да страдаат.

Од друга страна, Бог може да прави што сака, тој не сака луѓето да страдаат, а сепак, луѓето страдаат. Како да го објасниме тоа? Ете проблем.

Повеќето христијани мислат дека Бог интервенирал и интервенира во нашите животи со намера да се справи со страдањето. Ако нешто не ни оди ако што треба, ќе се молиме и Бог ќе ни помогне така што ќе го реши проблемот. Ако тоа е така, тогаш зошто Бог не интервенира почесто? Сите сме искусиле страдања и знаеме други кои исто така искусиле страдања. Јас сум искусил, тие што ги знам искусиле. Ракот ги одзема нашите сакани, тинејџери извршуваат самоубиства, има аномалии на бебиња при раѓања, распаднати бракови, бездомници, полиња на смртта во Камбоџа, сиромаштија, глад… Холокаустот – шест милиони Евреи ладнокрвно убиени, геноциди… епидемијата од грип во 1918 година која уби 30 милиони луѓе.

Така дојдов до поентата дека ниту Библијата, ниту традиционалните објаснувања не ме задоволуваат во смисла да дадат прифатлив одговор. Библијата има една суштинска црта која е заедничка: верувајте во Бог кој интервенира во нашиот свет. Тоа е основата за традицијата во Стариот завет – Бог ги спасил децата на Израел и втората основа од Новиот завет е дека Исус бил погубен на крстот и воскреснал. Тука е и тоа дека Бог интервенира во нашите животи за да ни стори добро. Зад ова стои убедувањето дека нашите молби даваат резултат – ние се молиме, Бог слуша и интервенира и ни помага. Но тука е контрадикторноста – ако Бог интервенира, тогаш зошто не интервенира? Во нашиот свет, секои пет секунди едно дете умира од глад, секоја минута 25 луѓе умираат поради нечиста вода за пиење, секој час 300 луѓе умираат од маларија… Зошто Бог не интервенира? Сите одговори кои постојат не даваат објаснување кое ме задоволува. Така дојдов до ситуација дека не можам да ги афирмирам основите на мојата христијанската вера. Така станав агностик. Не верувам повеќе во Бог од Библијата. Не верувам повеќе во семоќниот Бог кој интервенира во нашиот свет.

При тоа, мојата цел не е да натерам било кого да стане агностик. Ниту сакам да сменам било чии верувања и убедувања. Тоа не е мојата цел, тоа не е моја желба. Мојата цел е да ги натерам луѓето да размислуваат, да ги натерам да бидат потолерантни еден кон друг, односно кон другиот кој има различно мислење. Многу од вас кои сте христијани, ќе се согласите со тврдењето дека Бог ве сака и има некој убав план за вашиот живот. Но дали Бог ги сака сите и дали за сите има убав план за нивниот живот? Дури и за тие кои умираат од глад, за тие кои се смачкани во некоја несреќа, кои живеат во болка, чиј живот е свртен наопаку поради смртта на некој сакан. Дали Бог ги сака гладните, бездомниците, убијците и зошто не стори нешто околу тоа?

Еден од одговорите вели дека Бог сака ние нешто да сториме околу тоа и јас апсолутно би се согласил со тоа, доколку верував во Бог. Ние навистина треба да сториме нешто околу страдањата во светот, ние треба да се натераме да сториме нешто, ние треба да работиме да го елиминираме страдањето. Да, апсолутно да. Но тоа не дава одговор за теолошкиот проблем: Зошто Бог не интервенира? Јас не можам да верувам во Бог кој не го прави светиот подобро место. Ако вие верувате во таков Бог, тогаш треба да најдете начин како да ја ускладите вашата вера со реалноста. Ова е најголемото прашање со кое ќе се соочите како христијанин и како човек: Зошто има болка, беда и страдање? Ви благодарам!

(Продолжува)