Македонија има напредок на патот кон ЕУ, атмосферата во државата е сменета во позитивна насока и земјата добро е подготвена за почеток на преговори, но се уште не е подготвена за членство во Унијата.

Пофалби за Преспанскиот договор, но и предупредувања од можен неуспех од неговата ратификација.

Ова било во фокусот на дебатата за Македонија насловена „Македонија меѓу надеж и загриженост“ во германскиот Бундестаг, организирана од Друштвото за Југоисточна Европа, на која учествуваа одговорните за Македонија во Министерството за надворешни работи Кристијан Хелбах и во кабинетот на канцеларката Меркел, Матијас Лутенберг, авторот на патоказот за реформите во Македонија, Рајнхард Прибе, повеќе пратеници во Бундестагот, дипломати, како и гостите од Македонија и Грција, Симонида Кацарска и Ксенија Куналаки од грчкиот весник „Катимерини“, пишува „Дојче веле“.

Лутенберг ја поздравил храброста на премиерот Заев да ги решава проблемите со соседите Бугарија и Грција уште од почетокот на мандатот и тоа, според него, „бил важен сигнал да му се каже и на сопствениот народ дека се подготвени да решаваат проблеми“.

Посочил дека Германија била многу ангажирана за надминување на спорот со Грција, споменувајќи ја посетата на Меркел на Скопје пред референдумот, а „сега е подготвена и конкретно да помогне со советување и финансиска поддршка“.

– Сакаме да ја поддржиме иднината. Ќе испратиме советници за македонската Влада. Сакаме земјата не само да биде стабилна, туку и да напредува, вели Лутенберг, додавајќи дека таква поддршка очекува и од ЕУ, со цел Македонија економски да закрепне, но и да стане поинтересна за странски инвестиции, за што, прв предуслов е „владеењето на правото“.

Прибе посочил дека ако евентуално во Грција не биде ратификуван Преспанскиот договор, ЕУ мора да ги отвори преговорите за членство со Македонија, независно од спорот за името, а Скопје треба да биде мотивирано за да ги продолжи реформите.

Хелбах, пак, оценил дека доколку не помине договорот од Преспа, тоа би било лоша вест за земјата, и дека кај дел од населението во Македонија, лојалноста кон државата зависи од напредокот на земјата на евроатлантскиот пат.

– Се плашам дека националистичките или етничките наративи повторно ќе нараснат. Доколку Македонија не успее да напредува тоа ќе има последици за стабилноста, предупреди германскиот дипломат.

Во врска со бегството на Никола Груевски и добивањето азил во Унгарија, Хелбах оцени дека случајот може да му ја олесни позицијата на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Има сигнали од Мицкоски дека сака да го поддржи договорот од Преспа, вели Хелбах.

Поранешната германска амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер, пак, критикуваше дека реформите во Македонија не се мрднати и дека остануваат проблемите со владеењето на правото. Како виновник за ваквата состојба Штајнакер ја посочи ДУИ која, според неа, продолжува со корупциските практики од минатото, пренсува „Дојче веле“.