Две обвинителки и еден судија си ги згрижија децата. Од денеска ќерката на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска, синот на обвинителката Елизабета Јосифовска, како и синот на врховниот судија Наќе Георгиев, станаа судии и се заколнаа на чесност пред членовите на Судскиот освет, и колегите на нивните родители, информира АЛФА.

Кривичниот суд доби седум нови судии. Синовите и ќерките на обвинителите од денска им се нови колеги на судиите од кривичен. Заклетва положијa: Марија Беговиќ, Биљана Смаќоска, Драгана Исакоска, Драган Јосифовски, Ахмет Идризи, Фросина Стојаноска и Кирил Георгиев.

Нови осум судии денеска доби и Основниот граѓански суд Скопје.

Свечени изјави во Судскиот совет потпишаа судиите Кристијан Митревски, Симона Бубевска Муцунски, Лилјана Костојчиноска, Драган Петрушевски, Маја Катариниќ, Андреа Апостоловска Малиноска, Машкули Пајтин и Јованов Јордан.

Свечена изјава потпишаа и новоизбраните судии од Основните судови во Скопје, Битола, Струмица и Тетово.

Непотизмот во судството со години никако да се искорени иако не само меѓународната заедница туку и правната фела реагира на изборот на идните судии и обвинители, кои речиси половина од нив се синови и ќерки на поранешни и сегашни функционери.

Неодамна синот на првиот парламентарец Талат Џафери беше избран за обвинител во Гостовар. Антикорупциска обелодени дека тој прво положил правосуден, па потоа дипломирал, но за директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска нема ништо спорно. Таа не само што не гледа непотизам во изборот, туку според неа и на синовите на функционерите не треба да им биде скратено правото да бидат судии или обвинители.
Сопругата, пак на првиот човек на Ислам Абази стана негова колешка, но не во Скопје туку во Кичево.

И додека и евроамбасадорот Дејвид Гир се заложи за проверка на работата на Судскиот совет и испрати оценувачка комисија која сега во септември ќе дојде по вторпат, претседателот на советот Сашко Георгиев на денешната положување на заклетва најави поголем брифинг за новинарите за сите прашања кои имаат јавен интерес. Денеска, Георгиев немаше време бидејќи го чекаа новоизбраните судии на прослава.