Британската премиерка Тереза Меј ја разгледува идејата да му предложи на Парламентот во Лондон да распише втор референдум за Брегзит, тврди лондонскиот весник Дејли телеграф.

Според весникот, промената на ставот на Меј, која досега беше категорично против нов референдум, доаѓа во време кога таа се обидува да постигне компромис со лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, со цел лабуристите да го поддржат усвојувањето на Договорот за Брегзит во Парламентот.

Сепак, како што посочува Дејли телеграф, многу лабуристи, вклучително и самиот Корбин, не ја поддржуваат идејата за втор референдум за Брегзит.

Меј со обидува да обезбеди усвојување на овој документ во Долниот дом на Парламентот, со цел да избегне Брегзит без договор на 12 април. За истата цел, Парламентот синоќа усвои закон со кој се обврзува Владата да побара од лидерите на ЕУ ново одлагање на Брегзит.

Владата на Меј беше против овој закон, бидејќи тој може да го ограничи нејзиното поле за маневри во преговорите со лидерите од ЕУ.

Парламентот денеска ќе расправа за тоа до кога да се пролонгира рокот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Меј инсистира Брегзит да биде одложен до 30 јуни, за што и официјално поднесе барање до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. За оваа барање на Меј, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе расправаат на утрешниот Самит во Брисел.