Странски дипломати се сретнаа со соборениот судански премиер Абдула Хамдок во главниот град Картум, потврди мисијата на ОН во оваа африканска земја, јави ДПА.
Претставници на делегацијата на ЕУ во Судан, како и на амбасадите на Германија, Франција, Велика Британија, САД и други земји имаа средба со Хамдок во неговата резиденција, соопштија доцна синоќа тие во заедничка изјава на Твитер.
„Задоволство ми е што го пронајдовме во добра здравствена состојба. Продолжуваме да повикуваме на целосно враќање на неговата слобода“, се наведува во изјавата на Твитер од Мисијата на ОН за асистенција на интегрираната транзиција (УНИТАМС).
Во изјавата објавена од амбасадите на САД и ЕУ во Судан, дипломатите соопштија дека е „огромно е задоволството на амбасадорите во Картум да можат да комуницираат со премиерот“, додаде германската агенција.
ДПА потсетува дека суданската војска во понеделникот ја презеде власта во оваа источноафриканска земја по долгиот период на интензивна политичка криза, во која имаше и улични демонстрации со кои се бараше војската да го прекине своето учество во владата.
Генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој претходно ја предводеше преодната влада, заедно со Хамдок, во понеделникот објави дека цивилната влада е распуштена и дека е прогласена вонредна состојба.