Продолжува демографската катастрофа на Владата на СДС и ДУИ. Македонија се празни и Македонија исчезнува, бројките се никогаш, никогаш, никогаш полоши, рече на денешната прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако ги споредиме третиот квартал 2016-та година со третиот квартал 2023-та година доаѓаме до заклучок дека падот на новородени деца е 30%. Падот од 2016-та трети квартал е од 6.300 родени бебиња на 4.400 родени бебиња. Тоа е фрапантен пад од 92 школски паралелки само во период од 9 месеци. Ужасна бројка која што значи празни училишта, празни улици, празни градови, празни села, празна Македонија. Тоа значи дека државата ни останува без народ. Само во септември оваа година 2023, паднат е бројот на новородени деца во однос на септември минатата 2022 година за 13%. Минатата 2022 година беше најлошата демографска година во историјата на Македонија, никогаш помалце бебиња, никогаш помалце луѓе. Сега на таа најлоша 2022 година само во септември имаме пад од 13%. Значи од 1620 на 1400 родени бебиња. Тоа значи дека само во еден месец сме изгубиле 11 паралелки. Ова се фрапантни бројки, ова се бројки што ги засегаат сите региони, сите градови, сите општини во Македонија. Ова се бројки кои кажуваат дека во Македонија нема да има потрошувачи, дека општините нема да имаат луѓе, училиштата нема да имаат ученици, дека градинките нема да имаат деца, дека фирмите и стопанството нема да имаат потрошувачи, истакна Ѓорчев.

Тоа значи дека со овие катастрофални политики на Димитар Ковачевски, на Стево Пендаровски и нивните министри од ДУИ Македонија буквално ја снемува. Катастрофални бројки, катастрофални тенденции, додава Ѓорчев.