Од 3 декември 2021 до 17 јануари 2022 година, непосредно пред да си замине од функцијата министер за здравство, Филипче префрлил повеќе од 2,5 милиони евра на сметката на Интраком констракшн – Интракат Грција.

Како што објави порталот Плусинфо, еден ден после изборот на новата влада и само два дена пред формално да ја предаде министерската фотелја, на 17 јануари 2022 година, Филипче префрлил 56 милиони денари на контото на Интракат, која со години го „гради“ Клиничкиот центар во Штип.

Претходно, на 3 и на 7 декември 2021 година, Министерството за здравство на грчката фирма ѝ исплатило 100,4 милиони денари.

Експерти што ги консултирал Плусинфо тврдат дека со овие исплати е прекршен законот и дека Филипче го заокружил својот министерски мандат со кривично дело.

Според порталот, македонските компании на кои Интракат им должи 2,5 милиони евра за досега извршените работи и за доставените градежни материјали нема да земат ни денар од овие уплати.