Веќе неколку часа Обединетото Кралство не е повеќе член на Европската унија, но за нас, секогаш ќе биде земја партнер и сојузник, со која нѐ поврзуваат врски на заедничко чекорење и заеднички битки за глобална слобода, напиша министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас на „Твитер“, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија додаде дека станува збор за историски момент што означува крај на една ера, но и почеток на нова, истакнувајќи дека Грција е подготвена за Брегзит и да придонесе за градење на една силна врска во иднина.

Паралелно, на неговиот официјален „Твитер“ профил, напиша дека мора да ги увери Грците кои живеат во Обединетото Кралство, како и британските државјани кои живеат во Грција дека ќе направат сѐ што е потребно за да се гарантира нивниот секојдневен живот и нивната перспектива.