Денеска е 18 октомври (по стар стил) и се слави Светиот апостол и евангелист Лука.
Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела.
Откако поверува во Господ, свети Лука беше вбројан меѓу Седумдесетте апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24).
По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на светиот апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожшците.
„Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните светиот апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60-та година.
После маченичката смрт на апостолот Павле, свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така, и светите апостоли Петар и Павле. Оттука, свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис.
На старост го посети и Горен Египет. Од Египет се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост.
Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслинка во градот Тива (Теба) Беотиска.
Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.