Денеска е 14 јануари (според стар стил) и се слави Св. Нина просветителка на Грузија.

Таа е роднина на Светиот великомаченик Георгиј и на ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Бидејќи мајка ѝ и татко ѝ, кападокиски благородници, се замонашија, беше воспитана под надзор на патријархот Јувеналиј. Кога слушна за грузискиот народ, света Нина, уште малечка, сакаше да отиде во Грузија и да ги покрсти Грузијците.

Ѝ се јави Пресвета Богородица и ѝ вети дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отвори патот, младата Нина навистина отиде во Грузија, каде што за кусо време стекна голема љубов на народот. Успеа да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагаа света Нина во мисионерската работа.

Во текот на животот, Нина успеа да ја изврви цела Грузија и да го преведе, главно, сиот народ во верата Христова, и тоа токму во времето на страшното гонење на христијаните од страна на Диоклецијан.

Отпочина од своите многубројни трудови и се упокои во Господа во 335 година. Нејзиниот гроб се наоѓа во Самтаврскиот храм. Изврши многу чуда за време на животот и после смртта.