Денеска е 19 ноември според стар стил и се слави Св. пророк Авдиј.

Родум од селото Витахарамско од пределите Сихемски. Живеше во дворецот на царот Ахав.

Но, кога царот отстапи од вистинското богопочитување и им се поклони на идолите, Авдиј не тргна по примерот на царот, туку продолжи да му служи на единствениот вистински Бог.

А кога злобната царица Језавела заради пророкот Илија крена хајка на сите Божји пророци, Авдиј собра стотина од нив, ги скри во две пештери и ги хранеше до крајот (1 Царства 18, 4).

Современик на големиот пророк Илија, Авдиј многу го почитуваше Илија и го слушаше во сè како негов следбеник и ученик. Живееше 900 години пред Христа и се упокои мирно.