Пораката дека Македонија е една и грчка, ќе ја испратат граѓаните кои денеска ќе учествуваат на протестите за „грчкиот карактер на Македонија“ што организирано и паралелно ќе се одржат во 13 градови од Северна Грција, според изјавите на организаторите за грчките медиуми. Тие ги повикуваат Грците, без партиски, но со грчки знамиња масовно да учествуваат во демонстрациите.
Вечер, во 19.30 часот, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организира протести во Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики.
Според грчките медиуми, независно од Комитетот, и во осум други градови низ Грција, самоиницијативно ќе се одржат протести.
Во многу градови, јавува МИА од Атина, демонстрациите се поддржани од локалната самоуправа, од градоначалниците, но и од митрополитите, а планиран е и организиран превоз од села и градови до плоштадите каде што ќе се одржат протестите.
Како што во веќе објавивме, организаторите преку овие протести „ќе се обидат да ги потсетат политичарите во земјата дека грчкиот народ донел одлука во врска со името“.
Неофицијално, во грчките медиуми се споменува дека доколку се постигне договор, на денот кога ќе треба да се гласа во грчкиот Парламент, ќе се организира голем протест во центарот на Атина.
Коментирајќи ги протестите, владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, во интервју за радиото 247, рече дека „владата го признава светото право на граѓаните да се мобилизираат, да протестираат, да го изразат нивното несогласување, резервираност и отфрлање на владината политика“, но додаде дека земјата има национална линија од 2008.
Грчкиот архиепископ Јеронимос смета дека прашањата, како што е спорот со името, не се решава со протести.
За разлика од протестот во Атина пред четири месеци, кога Грчката православна црква го поддржа собирот и учествуваше со три претставници, сега грчкиот архиепископ вели дека неговиот став е дека ваквите прашања не се решаваат со протести.
– Позицијата на црквата е цврста и тоа го кажуваме и пак го кажуваме и го повторуваме. Црквата рече: името Македонија не е лесно да го дадеме, да го позајмиме. Моите ставови се дека со овие прашања не се соочуваме со протести, со викање итн. Одговорен е Парламентот, ќе одлучи, ќе преземе одговорност и уште нешто Парламентот не е сам, се гласа од народот, рече Јеронимос одговарајќи на новинарски прашања по посетата на еколошки центар за предучилишно образование.
Грците ќе дадат уште една битка за грчкиот карактер на Македонија, пишуваат од „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организаторите на денешните протести во повикот до граѓаните објавен на социјалните мрежи. Освен првично најавените 13 градови, собири денеска ќе има на вкупно 24 места низ цела Грција, од најсеверниот до најјужниот крај.
Според организаторите кои ги повикуваат граѓаните масовно да учествуваат со грчки, а не со партиски знамиња, карактеристиката на централен собир ќе ја има градот Пела, родниот град на Александар Македонски.
Протестите се поддржани од дел од градоначалниците на градовите каде што ќе се одржат, но и од митрополити, додека пак со организиран превоз со автобуси, луѓето од селата или градовите каде што нема да има собири ќе се носат до централните плоштади каде што ќе се „брани грчкиот карактер на Македонија“.
Паралелните протести ќе започнат во 19.30 часот по локално време, во 24 различни градови. Освен во северна Грција, како што беше првично објавено, протести ќе има и во останатите делови од Грција, како и на островите Крф, Родос и Крит.
Грчките медиуми во текстовите посветени на денешните протести го пренесуваат и вчерашното соопштение од македонското МНР со кое апелираа до македонските граѓани што се наоѓаат во Грција да ги избегнуваат градовите каде што ќе има собири