Во Брисел денеска со низа настани ќе биде одбележана годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина, а во оваа прилика се очекуваат говори на претставници на ЕУ, меѓу кои и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска е во Естонија на денот на прогласувањето на естонската декларација за независност.
Фон дер Лајен ќе присуствува на воената парада во Талин заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и естонската премиерка Каја Калас, а потоа ќе одржат заедничка прес-конференција.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел престојува во Њујорк, каде што е планирана заедничка изјава со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, а Борел ќе зборува и на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина. Тој ќе даде и видео изјава на состанокот на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена.
Централниот настан денеска во Брисел е инаугурацијата на украинскиот мурал „Ѕидот“, четвртиот од петте планирани мурали, кои заедно го сочинуваат проектот „Ѕидот“.
Како дел од тој проект, беа создадени мурали во Виена, Берлин и Марсеј, а во март ќе биде поставен нов мурал во Кенија.
Муралот е соработка помеѓу две украински уметнички, сестрите Фелдман и белгиската Тереза Сдралевич. Проектот ја симболизира демократијата, отпорот и единството меѓу Украина и Европа.
Во Брисел денеска се одржува и марш на украинска солидарност, во Центарот на украинското граѓанско општество, а во делот на градот каде што се наоѓа Европскиот парламент се отвора уметничка изложба насловена „Буча: Злосторства на руската агресија“. Во зградата на Европската комисија, во присуство на потпретседателката на ЕК Дубравка Шуица, ќе биде отворена изложба на украински детски цртежи „Сонуваме“.
Попладне во катедралата Свети Мишел и Гудуле ќе се одржи молитва за крај на руската агресија.
Познатиот Гранд Плас во центарот на градот, како и галеријата Сент Хуберт, вечерва ќе бидат украсени во боите на украинското знаме.
Викендов се планирани два настана против руската инвазија и во знак на солидарност со Украина.
Саботниот протест е организиран од невладината организација „Промовирајте ја Украина“, Унијата на Украинки и белгискиот комитет на Европската мрежа за солидарност за Украина. Организаторите очекуваат до 10.000 учесници на маршот.
Неделниот настан го организира платформата „Европа за мир и солидарност“ со уште 30 невладини организации. Целта на настанот е да се осуди руската агресија, да се покаже солидарност за украинскиот народ и да се побара што поскоро да се активира мировната дипломатија.
Организациите ја нагласуваат и потребата да се извлечат поуки од овој конфликт и сакаат да ја истакнат „потребата од изградба на колективен и неделив безбедносен систем, нова безбедносна архитектура заснована на принципот дека безбедноста не може да се бара на сметка на другите“.